Скопје, 17 април 2020
Економските ефекти на коронавирусот ги чувствуваме апсолутно сите. Го разбираме вашиот страв. Загрижени сте за своите работни места, за вашите компании, се прашувате како да ги подмирите месечните трошоци.
Во оваа битка не сте сами. Заеднички ќе ги поминеме овие тешки денови и заеднички ќе излеземе како победници од оваа глобална криза.
Претходно, ви одговоривме на неколку најчести поставувани прашања во врска со директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата.
Денес, дозволете ни да ви одговориме и на вашите прашања поврзани со субвенционирање на 50 проценти од придонесите, како занаетчиите можат да ја користат мерката од 14500 денари но и паричниот надоместок во случај да сте невработени или сте ја изгубиле вашата работа поради кризата со коронавирусот.
Кои се условите да добиете субвенционирање на 50% од придонесите за месеците април, мај и јуни?
Компаниите кои сакаат да аплицираат за да ја користат мерката за субвенционирање на 50% од придонесите, треба да исполнуваат услов приходите да им бидат намалени за најмалку 30% споредбено со просекот за 2019 година. Втор услов е бројот на вработени за месеците април, мај и јуни 2020 година да не биде помал од бројот на вработени со состојба на 31.03.2020 година и да не исплатува дивиденди и бонуси од денот на објавување на уредбата до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.
Доколку, компаниите се регистрирани само неколку месеци се зема просекот од периодот во којшто функционираат. Ако компанијата има сезонска работа се зема просекот од кварталот/сезоната која е релевантна од претходната година.
Дали финансиска поддршка за исплата на плата во износ до 14.500 денари се однесува на нето платата што треба да ја исплати работодавачот како минимална нето плата или се однесува на бруто платата во висина до 14.500 денари?
Работодавачите ќе добиваат по 14.500 денари нето по вработен месечно и ова не е плата, туку износ на финансиска поддршка која секоја компанија може да ги искористи.
Дали за време на користење на мерката за финансиска поддршка од 14500 денари по вработен треба да се надополни бројот на вработени, во случај на пензионирање на вработени, самоволен отказ или кршење на работниот ред?
Работодавачот кој побарува финансиска поддршка не смее бројот на вработени, да го намали за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, земајќи ги во предвид и вработените, преку приватна агенција за вработување, освен во случај на пензионирање, самоволен отказ, кршење на работен ред или смрт.
Како може занаетчии, самостојни вршители на дејност да аплицирааат за мерката за плата од 14.500 денари за месец април и мај?
Лице кое врши занаетчиска дејност – барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства до Управата за јавни приходи. Формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиска средства ја пропишува Министерот за финансии.
Барањето се поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5- ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува
Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.
Во Барањето, физичко лице кое врши самостојна дејност, дава Изјава за исполнетоста на условите од Уредбата.
Управата за јавни приходи ја известува Владата на Република Северна Македонија за физичките лица кои вршат самостојна дејност-баратели на финансиска поддршка кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства.
Износот на финансиска поддршка се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец преку Владина програма за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност.
Како да дојдете до мерката од Владата за 7000 денари помош ако сте невработени?
Доколку сте материјално необезбедено домаќинство, ве молиме да се обратите до месно надлежниот Центар за социјална заштита за да може да поднесете право за добивање на гарантирана минимална помош, како и друго право доколку ви следува согласно Законот за социјална заштита и Законот за заштита на децата.
Како да добиете паричен надоместок во случај на престанок на работниот однос?
Доколку имате престанок на работниот однос, може да користите паричен надоместок. Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос. Надоместокот се исплатува согласно годините за работен стаж. Подетални информации за правото може да најдете на www.av.gov.mk
Исто така, доколку сметате дека ви се повредени, или прекршени работничките права, ве упатуваме да се обратите до Државниот инспекторат за труд.
Уште еднаш апелирам, искористете ги мерките на Владата. Мерките постојат за да им се помогне на сите работодавачи, работници и граѓани погодени од коронавирусот. Да изградиме заедничка доверба и заеднички да ја пребордиме оваа глобална криза!
Прес-конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.