Министерката за одбрана Славјанка Петровска се обрати на научно- стручна трибина по повод три деценискиот јубилеј на Армијата насловена:Три децении Армија- Три децении воено образование – научени лекции, реалност и перспективи, во организација на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
Министерката ја истакна потребата од прилагодување на програмите за едукација и обука на кадар со цел оспособување на лидери подготвени да се справат со предизвиците и безбедносното опкружување во 21 век. Петровска порача дека треба да се посвети особено внимание на обуката за лидерство и менаџмент.
Во своето обраќање министерката се осврна и на регионалната и меѓународна компонента на Воената Академија и нејзините активности за што говори и фактот што на Академијата во континуитет повеќе од една деценија студираат питомци освен од Северна Македонија и од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Нагласи дека носењето на униформа и дневната политика не одат заедно и дека е подготвена во таа заложба да биде нивен сојузник.
На трибината свои обраќања имаа и деканот на Воената академија Митко Богданоски, и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски.
Деканот Богданоски ја истакна клучната улога на Воената академија за унапредување на одбранбениот сектор во изминативе три децении и придонесот за регионалната соработка, а укажа на соработката со останатите Високо образовни институции. Богданоски упати благодарност за соработката и силната поддршка од Министерството за одбрана и Армијата.
Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски ја истакна важноста на Воената академија во развојот на вооружените сили, и ја промовираше монографијата на првиот министер за одбрана професорот Трајан Гоцевски за која спомена дека го опишува се она што се случуваше во изминативе 30 години во одбраната и Армијата.