Бугарскиот премиер Кирил Петков кој следниот вторник на 18 јануари ќе допатува во Македонија, појасни дека повод за посетата е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.
Тој рече дека треба да се промени сфаќањето за тоа што навистина значи Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина, пренесоа бугарските медиуми.
„Треба да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме и ние и Северна Македонија од овој процес“, рече премиерот Кирил Петков.
Посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.
Премиерот ќе биде придружуван од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која во моментов е заразена со коронавирусот, и министерот за транспорт Николај Сабев.
Во понеделник бугарскиот претседател Румен Радев свикува состанок на Советодавниот совет за национална безбедност, чија тема ќе биде Република Северна Македонија. Вчера во парламентот бугарскиот премиер рече дека средбата е важна бидејќи темата е национално прашање и треба да се слушнат сите ставови. Петков беше дециден дека владејачката коалиција има апсолутно јасен заеднички став, договорен пред очите на целиот бугарски народ. Имаме целосна координација во Советот на министри на темата и со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е основен принцип во нашите односи, рече премиерот од собраниската говорница.