Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје проф. д-р Лазо Пендовски соопшти дека денеска ги одржале првите он-лајн предавања на студентите и со тоа, како што вели, успешно ја продолжуваат академската година во време на пандемија.
По препораките на Министерство за образование и Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, професорите од факултетот подготвиле он-лајн предавања, а студентите со интерес ги следеле.
– Мнозинството студенти се вклучија во он-лајн предавањата за следење од дома кои беа за денешниот распоред и термините кои ги имаат професорите. Факултетот набави лиценци за користење на платформата zoom.us на кои професорите и студентите имаат свои акаунти, а задолжително е за сите. Очекуваме така да продолжи и во следниот период и ќе се трудиме да имаме успешна студентска година, вели Пендовски.
Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје е формиран во 1991 година и е полноправна членка на Европската асоцијација на ветеринарни факултети (EAEVE) со студиски план од 5 и полгодини, 11 семестри, каде наставниот процес се одвива според ЕКТС.
– Сите предложени промени се одраз на следењето на актуелните состојби во ветеринарството во земјата и Европската Унија, светската ветеринарна наука, но и општествените состојби особено во областа на земјоделството и стопанството во целина, стои во соопштението. мс/дма/