Претседателот Стево Пендаровски, денеска на проштални средби ги прими амбасадорот на Француската Република, Кристиан Тимоние, и амбасадорката на Канада, со седиште во Белград, Кетлин Чаба.
На средбата со Тимоние беше оценето дека односите меѓу двете земји се карактеризираат со пријателство и меѓусебна доверба. Претседателот истакна дека Северна Македонија во Франција гледа сојузник во остварувањето на стратешките цели.
Претседателот изрази задоволство што за време на четиригодишниот мандат на амбасадорот Тимоние двете држави станаа сојузници во НАТО, и беше донесена одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Во тој контекст, Пендаровски го истакна значењето на поддршката што Франција ја дава на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот, посочувајќи дека по усвојувањето на новата методологија за водење на преговори, на државите-кандидати им е овозможено интеграцијата во ЕУ да се одвива преку имплементација на темелни реформи.
На средбата со Чаба беше потврден заемниот интерес за унапредување на соработката во повеќе области, особено во економската, како и натамошно продолжување на успешната мултилатерална соработка.
Претседателот Пендаровски, изразувајќи задоволство од традиционално добрите односи меѓу двете држави, засновани на заеднички вредности, се заблагодари за постојаната канадска партнерска соработка на нашиот евро-атлантлантски пат.
„Поддршката од Канада за нас е од големо значење и очекувам од нашите канадски пријатели и партнери уште позасилена помош во претстојниот период“, рече претседателот Пендаровски на средбата.
Амбасадорката Чаба, поздравувајќи ги надворешно-политичките активности кои нашата држава ги презеде изминатиот период, изрази задоволство што Северна Македонија во март годинава стана полноправна членка на НАТО Алијансата и ја пренесе канадската поддршка во процесот на пристапување кон Европската Унија.