Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – Против корона-пандемијата, како глобален проблем, треба да има и глобален одговор, преку меѓусебна соработка и солидарност, оценија претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили.
Тие денеска, во видео-разговор, разменија мислења и информации за состојбите и справувањето со КОВИД-19 во двете држави.
Пендаровски ја информираше Зурабишвили за мерките што државните власти ги преземаат во борбата против вирусот.
Во текот на разговорот, двајцата соговорници разменија мислења и за севкупните перспективи за развој на соработката на билатерално и мултилатерално ниво меѓу двете држави кои воспоставија дипломатски односи во февруари 2019 година.
Претседателот Пендаровски се заблагодари на честитките од претседателката Зурабишвили по повод зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Во таа насока, рече дека сме подготвени да го споделиме нашето искуство и да дадеме поддршка на сите земји кои се на тој пат.
Шефот на државата ја информираше Зурабишвили и за дадената согласност за новата грузиска амбасадорка во Северна Македонија, резидентна во Софија, со надеж за отворање нови можности за развивање на билатералните односи.
Пендаровски и Зурабишвили разговараа и за зајакнување на дијалогот на највисоко ниво, при што македонскиот претседател се заблагодари за упатената покана за посета на Грузија. мч/са/