Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Законот за заштита од дискриминација да биде на приоритетна листа за донесување на следниот парламентарен состав

Пендаровски: Законот за заштита од дискриминација да биде на приоритетна листа за донесување на следниот парламентарен состав

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими организаторите на манифестацијата „Скопје Прајд“, која оваа година поради пандемијата на КОВИД-19 се одржува виртуелно во периодот 20-30 јуни.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, претставниците на граѓанските организации кои работат на „Скопје Прајд“ го информираа Пендаровски за планираните активности кои имаат за цел подигнување на јавната свест, разговори за клучните теми, како и музички и културни активности кои ја слават различноста. Претседателот Пендаровски, се наведува во соопштението, ги поздрави активностите на сите организации и активисти кои работат за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата и сите маргинализирани заедници со цел нивна поголема видливост во општеството и остварување на нивните основни човекови права.

-Соговорниците истакнаа дека во однос на статусот на ЛГБТИ заедницата, потребни се ефикасни системски решенија. Законот за заштита од дискриминација е укинат од Уставниот суд, а со него се овозможуваше за првпат заштита на сите ранливи групи, како и професионална комисија за спречување и заштита од дискриминација, преку зголемување на нејзината независност и надлежност. Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека ќе побара од следниот парламентарен состав да го стави законот на приоритетна листа за донесување, се наведува во соопштението.

На средбата, се посочува, исто така се разговарало и за другите чекори кои се потребни со цел унапредување на состојбата на ЛГБТИ луѓето, како подигнување на јавната свест, ефективна примена на законите, особено за дела од омраза, заштита од дискриминација и поддршка на ранливите лица на кои им е потребна интеграција во општеството.

Претседателот Пендаровски, како што стои во соопштеието, посакал успешна реализација на „Скопје Прајд“, додавајќи дека соработката меѓу граѓанскиот сектор, активистите и заедницата со јавните институции е многу значајна затоа што често искуството што доаѓа директно од терен од граѓанскиот сектор е клучно за да се направат системските решенија. вг/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер