Утрински Весник
Македонија

Пендаровски до наставниците во Могила: Честитам на вашата посветеност за мотивирање на учениците

Пендаровски до наставниците во Могила: Честитам на вашата посветеност за мотивирање на учениците

Скопје, 23 април 2020 (МИА) – Претседателот  Стево Пендаровски, денеска се вклучи во е-наставата што се реализираше во училишта во општина Могила.

Пендаровски, како што соопштија од неговиот Кабинет, имаше можност директно да го проследи образовниот процес, во услови кога поради епидемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, учениците наставата ја следат од своите домови.

На часот по француски јазик, во подрачното основно училиште „Кочо Рацин” од село Долно Српци, учениците зборуваа за своите омилени градови, додека учениците од истоименото централно основно училиште во село Ивањевци, на часот по англиски јазик, со претседателот Пендаровски разговараа за различните видови храна. Наставничките на двете одделенија Елизабета Дамева и Татјана Божиновска го информираа претседателот Пендаровски за придобивките, но и за предизвиците коишто произлегуваат од е-наставата, оценувајќи дека во овој момент, тоа е најдобриот начин непречено да се изучува предвидената материја. Во тој контекст, претседателот Пендаровски упати честитки за нивната посветеност во мотивирањето на учениците и од дома да бидат во потрага по нови знаења, стои во соопштението.

Ваквиот пристап во овие услови, како што се посочува, е можност за унапредување на образовниот процес.

Онлајн наставата е показател дека младите, освен за забава, технологијата умеат да ја користат и продуктивно, за надградување на своето знаење и вештини, да бидат креативни и да изнаоѓаат решенија за предизвиците наметнати во сегашноста. Во разговорот со учениците, претседателот укажа на важноста да бидат одговорни, да ги почитуваат препораките за да се заштитат себеси и своите најблиски. Тој посака што поскоро учениците да се вратат во училишните клупи меѓу своите другари, бидејќи и покрај неминовната интернет ера, учењето преку непосреден контакт е се уште најдобриот метод, се посочува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски. рп/лв/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме