Скопје, 2 март 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски и командантот на Косовските безбедносни сили, генерал потполковник Рахман Рама на денешната средба разменија мислења за билатералната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Косово и го реафирмираа интересот за нејзино зајакнување, унапредување, како и за меѓусебна поддршка во развојот на севкупните капацитети, соопштија од кабинетот на претседателот.
– Членството на Северна Македонија во НАТО ќе влијае позитивно врз стабилноста и просперитетот на целиот регион, истакна Пендаровски, изразувајќи ја подготвеноста на нашата држава за споделување на своите искуства со земјите од Западен Балкан чиишто аспирации се интеграција во Алијансата.
Тој нагласи дека добрососедските односи и соработка се клучен фактор во обезбедувањето на трајна стабилност и безбедност во регионот.
– Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на соработката и размената на искуствата меѓу двете армии во областа на образованието и обуката. Во тој контекст Пендаровски ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за натамошно школување на питомци од Косово на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, во Скопје, како и за користење на нашите капацитети и полигони за воени вежби, за потребите на Косовските безбедносни сили, соопштија од кабинетот на претседателот. см/са/