Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Владата сега е најодговорна, партиите да ги остават калкулациите на страна, а граѓаните да бидат дисциплинирани

Пендаровски: Владата сега е најодговорна, партиите да ги остават калкулациите на страна, а граѓаните да бидат дисциплинирани

Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Ни претстојат тешки денови. Очекувам дека Владата, која во наредниот период ќе ја има најголемата одговорност, ќе биде навистина на ниво на задачата и на искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент. Но, и грѓаните треба да бидат дисциплинирани и одговорни, да не излегуваат од дома без позначајна потреба, да ги следат информациите од надлежните и доследно да ги почитуваат препораките. Политичарите, пак, треба да ги остават на страна сите дебати, анализи и калкулации за добивање гласови или пратенички мандати зашто тие се безвредни во однос на најскапоценото: заштитата на животот на нашите луѓе, порача претседателот Стево Пендаровски откако вечерва прогласи вонредна состојба во државата за поефикасно справување со коронавирусот.

Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во тој период Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај за ефектите од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да го информира за преземените активности и за ажурираните планови за постапување во иднина.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка и од денес ќе има зголемени надлежности. Ќе може да ги користи сите ресурси, и државни и приватни, за поуспешно справување со епидемијата.

– Предмалку ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба, укажува колку е сложена ситуацијата во земјата. Владата ќе продолжи да функционира како техничка, а тоа е можност да покажеме на дело дека кога станува збор за ваква опасност, без преседан, сите политички партии можат да работат заедно за заштита на здравјето на луѓето без да се грижат за својот политички рејтинг, истакна Пендаровски.

Тој укажа и колку е голема одговорноста на Владата сега, со оглед дека ќе може да носи уредби со законска сила со цел воведување поголеми ограничувања во движењето на луѓето, но и обезбедување поголеми средства за поддршка на економијата која влегува во исклучително кризен период.

Во врска со изборите, рече дека ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика.

Уште еднаш упати апел и до граѓаните – да не излегуваат од дома без позначајна потреба, да ги следат информациите од надлежните и доследно да ги почитуваат препораките. На оние што претсојуваат надвор од државата Пендаровски им порача дека е најпаметно да останат во земјата во која моменто се наоѓаат додека трае оваа состојба, согласно препораките на СЗО. Ако сепак решате да се вратат дома, добредојдени се, како што нагласи, но треба да знаат дека мора да ги почитуваат сите пропишани мерки, а тоа значи и можноста да бидат сместени во карантин.

– Апелирам до сите граѓани на нашата заедничка и единствена татковина, да бидеме смирени, одговорни и солидарни еден кон друг. Ако си помагаме и ако се држиме заедно, сигурно ќе ја пребродиме и оваа тешка ситуација како многупати досега во нашата историја, подвлече претседателот.

Во однос на економијата дополни дека епидемијата значително ги оптовари ресурсите на државата и веќе во овој момент, штетите за фирмите кои не работат се огромни. Тука Владата мора да понуди значителна помош и поддршка, потенцира Пендаровски.

Пендаровски им се заблагодари на сите здравстевни работници, полицијаци, војници и волонтери кои изминатите недели вложуваат надчовечки напори за да им помогнат на граѓаните погодени од коронавирусот. мч/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд

Петар е тежок 2 килограми и 350 грама: 61-годишната мајка којашто се породи на ГАК имала замрзнато јајце клетка

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура