Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот

Пендаровски: Борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот

Денеска кога ја одбележуваме борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, како и достигнувањата во повеќе сфери, да се потсетиме дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот, порача претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените.

„ Покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста ни остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми. Жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените.

Конфликтите и мировните операции ни покажуваат дека жените можат еднакво да бидат во првите редови, одлучно да се борат за правда, да придонесуваат во разрешувањето на конфликти, а честопати токму жените се жртви на воени злосторства. Не само денеска, секој ден е потребно да оддадеме почит за храброста на жените во воените конфликти и нивната улога во помирувањето.

Пандемијата нè соочи со растечка нееднаквост во многу сфери. Соочени со предизвиците, жените повторно го понесоа поголемиот товар, преземајќи на себе многукратни улоги и неплатен труд во одржувањето на домовите, образованието на децата, грижата за повозрасните.

Имаме заедничка одговорност да правиме проценка како одлуките што ги носиме и јавните политики што ги креираме влијаат на жените. Сите имаме одговорност, но пред сè релевантните институции и политичките чинители, за промените кои ќе овозможат поголемо учество на жените во политиката, донесувањето на одлуките, креирање на политиките, управување со процесите, економскиот развој, науката и иновациите.

Родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество. Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи“ вели во пораката Пендаровски.

Можете да прочитате

Зголемена фреквенција на возила по патиштата, на граничните премини нема подолги задржувања

Ана Михајлов нова в.д. директорка на Агенцијата за европски образовни програми, Богојески разрешен

Левица: Инспекторката Зашовска наградена со унапредување поради заштитата на Бојан Христовски