Утрински Весник
Свет

Пекинг вети возвратни мерки откако Австралија откажа кинески проект во Викторија

Пекинг вети возвратни мерки откако Австралија откажа кинески проект во Викторија

Кинеското Министерство за надворешни работи ја критикуваше одлуката на Австралија да го раскине договорот во рамките на „Белт енд роуд“ потпишан меѓу Кина и австралиската држава Викторија, означувајќи го потегот на Канбера како историски пресврт во билатералните односи, пренесува РТ.

Ванг Венбин, портпарол на кинеското МНР, изјави дека Пекинг има намера решително и силно да возврати на потегот на Канбера да го поништи проектот на иницијативата „Белт енд роуд“ на Кина во Викторија, повикувајќи ја Австралија веднаш да ја повлече својата одлука и додавајќи дека односите меѓу двете земји веќе се соочуваат со тешкотии и ќе продолжат да страдаат поради овој потег.

Ванг рече дека првичниот договор со Викторија, кој беше договорен со меморандум за разбирање во 2018 година, е позитивен потег во односите на двете земји. Сепак, тој тврди дека одлуката на Канбера да го откаже договорот во средата сериозно ја нарушува заемната доверба.

Иницијативата „Белт енд роуд“ е проект вреден повеќе милијарди долари, кој се обидува да ги подобри глобалните трговски патишта и предвидува кинески инвестиции во регионални и национални инфраструктурни проекти, од пристаниште во Пакистан до хидроелектрични проекти во Уганда.

Иако договорот не беше финализиран со Викторија, проектот ќе значеше поголемо учество на Кина во развојот на инфраструктурата на државата, како и отворање нови области на соработка околу производството, биотехнологијата и земјоделството.

Во средата австралиската министерка за надворешни работи, Мариз Пејн, ги искористи своите овластувања да го ревидира и откаже проектот во Викторија.

Односите меѓу двете земји многу се влошија во текот на минатата година, поттикнати од повикот на австралискиот премиер Скот Морисон за независно истражување на изворот на пандемијата со Ковид-19 и одлуката за отфрлање на кинеските фирми од проектите за 5Г во земјата.

Кина возврати со воведување царини за виното и земјоделските производи од Австралија.

Можете да прочитате

Германија ја обвини Кина дека употребила ласер врз германски авион

Еден прободен, седум полесно повредени во трките со бикови во Памплона

Израел ќе изгради камп во Појасот Газа за 600.000 Палестинци