Утрински Весник
Економија

Пауновски: Сите цени кои се зголемени по 11 март, ќе бидат вратени

Пауновски: Сите цени кои се зголемени по 11 март, ќе бидат вратени

Скопје, 19 март 2020 (МИА) – Граѓаните не треба да имаат паника од зголемување на цените на основните артикли. Трговците и производителите имаат дадено збор дека нема да вршат зголемување, а сите цени кои се зголемени после 11 март 2020 година, согласно одлуката на Владата, ќе треба да се вратат на нивото на кое биле дотогаш.

Ова го истакна директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски на прес-конференција по завршувањето на денешниот состанок со претставниците од прехранбениот сектор.

Пауновски порача дека граѓаните не треба да стравуваат, бидејќи според него, единствена паника треба да имаат оние кои сакаат да профитираат, и тие како што рече, ќе бидат таргетот на контролите на Државниот пазарен инспекторат.

Додаде дека за сите оние кои нема да ги почитуваат мерките на Владата, им следува казна до 5 илјади евра, согласно Кривичниот законик.

-Сите мора да ги почитуваат мерките. Казните за непочитување се 5 илјади евра, дури има и казни од година дена затвор, односно по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Бидејќи е вонредна состојба не одиме по редовните закони по кои постапуваме, тоа значи дека веќе не одиме по прекршочен законик, рече Пауновски денеска во одговор на новинарско прашање, појаснувајќи дека Државниот пазарен инспекторат ја врши доследно задачата што ја доби од Владата за надзор на применување на одлуките кои што ги донесува, и ќе продолжи и понатаму да ја извршува.

Тој информира дека во текот на денот Државниот пазарен инспекторат ќе објави еден заеднички број за целата земја, на кој граѓаните што ќе може да пријавуваат сите неправилности, кои се во надлежност на ДПИ.бт/са/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст

Соработката со „Бехтел ЕНКА” продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување