Скопје, 25 февруари 2020 (МИА) – Патникот што допатувал од Дубаи и кој имаше симптоми слични на грип, а беше хоспитализиран на Инфективната клиника нема коронавирус. Тестирањето на пациентот покажало дека тој бил позитивен на инфлуенца тип Б. Патникот допатувал пред неколку дена во земјава по шестдневен престој во Дубаи. Ова попладнево го изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека во текот на денешната седница на Владата биле донесени повеќе заклучоци, препораки, задолженија кон Министерството за здравство.
– Дел се преземени од вчерашниот состанок на ЦУК. Прво ќе потворам патниците кои доаѓаат од Северна Италија ќе се пропуштаат на пет гранични сувоземни премини, тоа се Табановце, Деве Баир, Блаце, Ќафасан како и Богородица, како и на двата аеродроми во Скопје и во Охрид. Се задолжи Министерството за здравство да набави соодветна опрема со што ја дополнуваме резервата што ја имаме, која во овој момент освен што ја користиме за наши потреби тука во јавноздравствените институции беше дистрибуирана и по граничните премини со цел да се заштитат граничните полицајци, рече Филипче.
Потенцира дека презеле обврска да набават и дезинфекциски средства кои ќе бидат дистрибуирани во основните и средните училишта, со цел подобрување на статусот на хигиена за да се спречи ширењето на инфекцијата.
– Се задолжија сите јавни институции, основните и средните училишта и универзитетите да ги одложат сите планирани патувања, студиски престои и екскурзии во регионот на северна Италија и го повторуваме апелот да не се патува во овој регион, освен ако нема нема итна потреба. Во комуникација сме со сите институции, не само во здравствениот сектор, туку преку веќе формираната група што ги менаџира сите информации во врска со ова прашање во рамките на Министерството за здравство во која членуваат и претставници на други институции, како МВР, за одбрана, Царина, ЦУК, Министерство за образование и наука, практично ќе биде и еден комуникациски центар со цел точно информирање на јавноста, истакна Филипче.
Додаде дека сите капацитети во рамки на здравствениот систем и покрај тоа што некои писмени известувања веројатно доцнат се благовремено известени за активностите кои треба да ги преземат преку директен контакт со директорите, односно менаџерите со цел тие да бидат подготвени да презрмат дел од пациентите, кои евентуално треба да бидат третирани или патници и граѓани, кои треба да бидат опсервирани со статус на изолација.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип ќе биде по потреба простор за изолација, а не за карантинско лекување.
– Директорите на болниците во Штип, Велес и во Гостивар беа информирани што е идејата. Тие веќе преземаа соодветни чекори да се спремат одделенијата во таа насока. Имаме добра координација за која стојат однапред добро испланирани чекори по препорака на Комисијата за заразни болести, истакна Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека во овој момент тоа што Владата веќе го направи е тоа што укажа дека мора да се откажат сите патувања организирани од јавните институции.
Посочи дека не можат во овој момент да направат ништо повеќе од тоа освен да упатат апел граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји, каде е регистрирано присуство на коронавирусот.
– Тоа е сериозен дополнителен ризик на сето ова што сега го имаме со сите патници кои и сега доаѓаат од регионот на Северна Италија, како и патници кои доаѓаат и од останатите соседни земји. Сметам дека нашите граѓани не треба да преземаат таков ризик, додаде Филипче. рп/ац/
Изјава на министерот за здравство Венко Филипче
Posted by MИА.mk on Вторник, 25 февруари 2020