Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Интергра и СДУ вечерва доставија кандидатски листи за претстојните предвремени парламентарени избори. Како што е најавено, се очекува околу 23:00 часот, тоа да го сторат и СДСМ и Беса, а до крајниот рок и други политички партии.
Претходно кандидатски листи за предвремените парламенарни избори на 12 април доставија и Работничката партија за шест изборни единици, ГДУ за пет изборни единици, Глас за Македонија за пет изборни единици и Демократи за сите шест изборни единици.
По поднесувањето на кандидатските листи ДИК проверува дали се доставени во предвидениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик.
ДИК исто така проверува дали предложените кандидати ги исполнуваат условите пропишани во Уставот и во член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Овие институции се должни во рок од 24 часа електронски до ДИК да ги достават бараните податоци за кандидатите. Ова е новина за Комисијата, која се воведе со последните измени на Изборниот законик.
Доколку се констатира дека листите се во согласност со одредбите од Изборниот законик, тие се потврдуваат најдоцна 48 часа од приемот на бараната документација од институциите.
ДИК има пропишано и рокови за остранување на евентуални неправилности или замена на кандидати доколку тоа е потребно. Листите што ќе бидат поднесени по рокот ќе бидат отфрлени.
Редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче се утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите изборни единици. Жрепката треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.
Изборната кампања започнува на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ. ев/са/