Скопје, 19 февруари 2020 (МИА ) – До 12 март на полноќ партиите треба да ги достават изборните листи за шестте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април, согласно роковникот, кој го објави Државната изборна комисија за активностите во пресрет на изборите. Проверени кадри, од партиските јадра ќе бидат носители на изборните листи, кои се уште официјално не се соопштуваат, но и нови лица на листите најавуваат партиите, кои деновиве ги кројат изборите листи за претстојните избори.
Власта и опозицијата веќе најавија до кога планираат да ги објават носителите на листите, но и останатите кандидати за пратеници. СДСМ планира имињата да ги оболодени по Конгресот, кој треба да се одржи во периодот од 8 до 12 март, а ВМРО-ДПМНЕ носителите ќе ги објави на 5 март, а другите кандидати не подоцна од 10 март.
Во СДСМ веќе е почната процедурата околу кандидирањето на идните кандидати за пратеници, а носителите на листи ќе бидат познати по Конгресот на партијата.
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вчера посочи дека Конгресот треба да се одржи од 8 до 12 март и оти сега е неблагодарно да шпекулира со било какви информации.
– Процедурата околу кандидирање и евидентирање на идните кандидати за пратеници секако дека е отпочната. СДСМ дава можност на базата од последната клетка на партиското функционирање, а тоа се месните одбори, да предлагаат нивни кандидати од местата од каде тие се наоѓаат и како отворена партија даваме можност за сите кои ги препознаваат политиките на СДСМ по пат на самокандидирање да поднесат кандидатури во партијата. Околу носителите на листи ќе очекуваме кога ќе дојде ред на Конгресот на СДСМ, кој е највисок орган на одлучување на партијата да бидете запознаени, пред тоа би било неблагодарно и непринципиелно од една одговорна партија да шпелулира со било какви информации, изјави Костадинов.
Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски неодамна во интервју за МИА нагласи дека работна група во која ќе бидат вклучени и надворешни експерти од различни области ќе состави ранг листа на кандидати за пратеници од редовите на СДСМ, по претходно строго утвдени критериуми од страна на партиското раководство.
Конечната одлука за тоа кој од партијата ќе биде на листата пратеници, ќе биде донесена на Конгресот. Тој додаде дека имињата на кандидатите ќе стигнуваат од базата, од месните и општинските одбори, од Извршниот одбор и Градската организација, но постои и можност и за самокандидирање.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера истакна дека до 5 март ВМРО-ДПМНЕ се очекува да ги објави имињата на носителите на кандидатските листи во шесте изборни единици во земјата за претстојните предвремени парламентарни избори, додека останатите имиња од листите не подоцна од 10 март изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
– Најголем дел луѓе за првпат би се нашле на листи, но ќе има и такви чие што искуство е потребно во рамките на пристојно функцонирање во Парламентот, изјави Мицкоски.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на Републичкиот изборен штаб на партијата неодамна во Игор Јанушев во интервју за МИА, пак посочи дека на листите на партијата ќе има некомпромитирани кадри кои ќе се борат за обнова и за подобар живот во Македонија.
Постапката за избор на пратеници е во тек, истакна Јанушев неодамна во интервју за МИА, кој не сакаше да споменува имиња, но вели дека „ќе има многу нови кадри, но ќе биде застапено и искуството“.
-Заеднички именител ќе биде тоа што понудата за пратеници ќе биде таква каква што на граѓаните им е потребна и каква граѓаните бараат. Со интегритет, чесни, со искрени намери да работат за Македонија. При изборот важни ни се анкетите кои континуирано ги работиме, но и мислењето на базата односно општинските комитети кои постојано се на терен. Ќе имаме некомпромитирани кадри кои со срце ќе се борат за обнова и подобар живот во Македонија. Обновата ќе ја донесат луѓе со кредибилитет за кажаниот збор. Тоа е нашата обврска, истакнува Јанушев.
ДУИ, како што посочи лидерот на партијата Али Ахмети, пак, во врска со тоа дали на кандидатските листи за претстојните избори ќе се најдат веќе искусни пратеници, рече дека дека ќе се направат истражувања и анализи во рамки на партијата и оти ќе предложат кандидати кои ќе бидат прифатливи за нивните гласачи, но и за сите граѓани.
Изборната кампања, која трае 20 дена, според роковникот на ДИК, ќе започне на 23 март, а ќе заврши на 10 април на полноќ. ац/са/