Папата Франциско денеска ќе пристигне во Канада на, како што го нарече, „аџилак на покајанието“ за да се извини за злоупотребата на домородните деца, кои биле принудени да влезат во училишта управувани претежно од католички свештеници.
Патувањето на папата го организира Канадската конференција на католички бискупи, а папата ќе ги посети Едмонтон, Квебек и Икалуит, пренесува Ројтерс.
Помеѓу 1881 и 1996 година, повеќе од 150.000 домородни деца беа одвоени од нивните семејства и донесени во училиштата со цел да се асимилираат домородните деца, пренесува медиумот.
Многу деца беа изгладнети, тепани и сексуално злоупотребувани во систем кој канадската комисија за вистина и помирување го нарече „културен геноцид“, според Ројтерс.
Иако канадските лидери знаеја дека голем број деца умираат во овие училишта од 1907 година, прашањето дојде до израз дури кога минатата година беа откриени необележани гробници во близина на училиштата.
Папата Франциско се извини за улогата на Католичката црква во принудните училишта во Канада на почетокот на оваа година за време на посетата на домородните делегати на Ватикан, а сега доаѓа да се извини на канадска територија.
Преживеаните жртви и домородните водачи изјавија за британската агенција дека сакаат повеќе од извинување.
Многумина бараат финансиска компензација, враќање на артефактите кои припаѓаат на домородната култура, објавување училишни записи и папата да ја поддржи екстрадицијата на обвинетите злоставувачи и да издаде указ за ставање крај на доктрината од 15 век според која колонизаторите ј имаат право да земат што сакаат од домородното население, пренесува Ројтерс.