Постојат научни докази кои потврдуваат дека британскиот сој на ковид-19 се шири многу побрзо, рече микробиологот Никола Пановски во изјава за „Алсат“ и ги повика граѓаните да ги почитуваат заштитните мерки за да се спречи нов раст на бројот на заболени, пренесува „Порталб.мк“.
„Тоа значи дека ако имаме 10 лица, тие ќе заразат 15 други, а досега би заразиле 10. Тоа е огромна бројка. Масовните собирања би придонеле овој вирус, кој побрзо се шири, полесно се лепи на нашиот нос, на носната слузница, би создал нов пик, нови хоспитализации и нови смртни случаи. Значи, во никој случај групирања, особено во затворен простор, бидејќи тогаш ширењето е поголемо и би било поголемо од што беше во ноември“, рече Пановски.
Тој посочува дека за новиот сој на вирусот има докази дека делумно покажува поразлична клиничка слика.
„Недостасува симптомот на губење на вкус и мирис што го имаше кај претходниот. Значи, постојат некои докази за различна клиничка слика, смртноста е или малку поголема или не. Иако поединечно не е посмртоносен, смртноста ја гледаме на поголема група на пациенти, ќе се зголеми и смртноста. Што повеќе болни, толку повеќе хоспитализации, толку повеќе смртни случаи“, изјави Пановски.
Во меѓувреме, во Северна Македонија, откриени се два нови случаи на британскиот сој на вирусот. Ова пред два дена на Твитер го објави д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина на клиниката „Жан Митрев“. Според „Дојче веле“, станува збор за заразени лица од Скопје и Охрид. Едниот случај е од 4 јануари, кога бил потврден позитивен тест кај заболениот, кој за жал починал како последица на вирусот, што го прави првата жртва на оваа варијанта на вирусот. Вториот случај е од 18 јануари, а пациентот е пуштен од болница пред неколку дена.