Во изминатата година домашните производители на месо и на преработки од месо се соочија со намалено производство за 20 до 40 отсто во споредба со 2019 година и со намалена потрошувачка за околу 20 отсто. Тоа е последица на намалената куповна моќ кај граѓаните во ситуација на пандемијата со ковид-19, како и падот на побарувачката на месо од хотелите и растораните, кои имаа редукции во работењето во текот на минатата година. Домашните производители на месо апелираат од Владата во новите економски мерки да им се даде поголема поддршка, општо, на сите производители од прехранбената индустрија, затоа што досегашните мерки не дале значителни ефекти во овој сектор.
Тоа се проценките кажани на денешната прес конференција на Стопанската комора на Македонија, (СКМ) на тема „Стимулирање на домашната потрошувачка за опстојување на прехранбената индустрија“.
Според Васко Ристовски, самостоен советник за земјоделство, при СКМ, во секторот на прехранбената индустрија досегашните економски мерки на Владата за поддршка на стопанството немаа забележителни резултати, што се одрази и врз производството на месо. Се очекува состојбите со вишоците на свинско месо да се подобрат наскоро, со реализација на извозот на смрзнато свинско месо од РСМ во ЕУ, со симнување на забраните за извоз во европските земји.
„Ковид пандемијата, седењето дома, неработењето на рестораните и хотелите, предизвика намалено производство во месната индустрија за околу 20 до 40 отсто, а домашната потрошувачка на месо е намалена за над 20 отсто во споредба во 2019 година. Затоа апелираме до Владата за поголема поддршка на производителите“, рече Ристовски.
Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за месо и преработки од месо при СКМ, посочи дека економски мерките на Владата не дале резултати во месната индустрија и покрај потрошените средства, и упати апел до Владата, во новите мерки да се обрне поголемо внимание на месната иднустрија, отколку досега, со што ќе им се помогне и на другите производители од прехранбената индустрија.
„Нашиот апел до Владата е економските мерки кои се носат да бидат во согласност со мерките од европските држави и во насока на поголема поддршка и заштита на домашното производство. Четвртиот сет на мерки не даде позитивни резултати, а проблемот е во неправилно насочена помош кон домашните производители. Мерките некако се разводнија во друг правец“, изјави Трајчев, кој додаде дека забелешките од производителите во континуитет се доставуваат до Владата и постојано се апелира на проблемот со вистинско насочување на државните средствата за помош на компаниите.
Од СКМ рекоа дека сѐ уште траат разговорите меѓу Комората и Владата околу дефинирање на најновиот, петти сет на економски мерки и дека барањата на членките на СКМ, како и на Групацијата за месо и месни преработки, ќе бидат предмет на преговарање.