Утрински Весник
Македонија

Паметна инвалидска количка која се управува со окото – проект на младите херои Мартин, Давид и Благојче

Паметна инвалидска количка која се управува со окото – проект на младите херои Мартин, Давид и Благојче

„From Zero To Hero“ (Од нула до херои) – вака гласи името на тимот кој сè почесто се среќава во медиумите, а од кој дел се студентите Мартин Динев, Давид Лазароски и средношколецот Благојче Павлески. Освен тимот, нив тројца ги спојува и заедничката желба да им помогнат на другите луѓе.

Плод на нивната соработка и вложен труд е проектот за паметна инвалидска количка, која значително би им го олеснила животот на лицата со физичка попреченост, како и на семејствата со кои живеат овие лица.

Во разговор за „Мета.мк“, Мартин Динев ја раскажува нивната приказна и ги објаснува идејата и начинот на функционирање на технологијата позади паметната инвалидска количка.

From Zero To Hero
Мартин, Благојче и Давид – тимот на „From Zero To Hero“

Тој вели дека претходник на создавањето на тимот „From Zero To Hero“ било формирањето на нивното пријателство, кое се случило на еден од настаните кои често ги посетувале. Младинскиот предизвик Generation Unlimited, чија цел била дигитална инклузија на сите членови во општеството, бил првиот настан каде тие постигнале заеднички резултати.

На една од работилниците за истражување на можните начини за постигнување на дигитална инклузија, кои биле организирани од „SmartUp“, се родила и нивната идеја за проектот. Заедно со своите ментори, тие ја развивале идејата и работеле на остварување на истата.

„Во склоп на предизвикот на секој тим му беше доделен ментор за консултации и водење во развивањето на идејата и разбирање на проблемот на дигитална инклузија. Би сакале да ја поздравиме Марија Велиновска, која активно се залагаше и нè водеше во преземање на правилните чекори при истражувањата. Со сета таа соработка имавме голема слобода во изборот на идеја која ќе го решава проблемот на предизвикот. Резултатите на истражувањата нè мотивираа да продолжиме со идејата за развивање на паметната инвалидска количка“, вели Динев.

Паметната инвалидска количка е замислена да биде помагало кое ќе може да се контролира само преку следење на движењето на окото. Предвидено е таа да може да се  управува со помош на погледот, односно лицето со попреченост да може да се движи управувајќи ја количката преку камера која постојано го следи и го снима движењето на неговото око. Камерата соодветно би сигнализирала на која страна гледа лицето и соодветно би давала наредби до количката да се движи.

Паметна инвалдиска количка
Визуелен приказ на системот за мониторинг на здравјето и начинот на управување на количката / преземено од: Наративен извештај за проектот

Главната мотивација за проектот на младите херои поаѓала од нивната желба да им го олеснат животот на семејствата и на лицата со физичка попреченост.

„Ова е мотивирано од желбата да се постигне полесна дигитална инклузија и за лицата под ефект на церебрална парализа, некои од нив се способни единствено за движење на своите очи. Дополнителна важност има и ефектот на менталниот замор на семејствата во кои има членови кои припаѓаат на оваа група“, дополнува Динев.

Предвидено е инвалидската количка да има и сопствен дигитален систем за евиденција на здравствената состојба на оние што ја користат.

„За да им се помогне и на лицата со попреченост и на нивните семејства, паметната инвалидска количка ја развиваме не само како помагало, туку и како дигитален систем за евиденција на здравствената состојба. На овој начин системот ќе нуди олеснет и попристапен преглед на здравствената состојба на лицата корисници, со тоа нивните семејства би можеле лесно да ја надледуваат нивната состојба“, објаснува Динев.

Првиот чекор во развојот на продуктот бил создавање на прототип на системот, како и имплементација на софтверот кој ќе ја следи состојбата на корисникот. Овој чекор сега е завршен и во моментот постои функционален интерфејс каде се прикажуваат информации од здравствените мерни уреди кои се поставуваат на лицата корисници на паметната инвалидска количка.

Паметна инвалидска количка
Фотографии од тестирањето на моделот на паметната инвалидска количка / фото: лична архива

Динев вели дека системот за следење на здравствената состојба може да се користи и како индивидуален производ, независно од инвалидската количка, бидејќи здравствени мерни уреди можат да се користат од било кој заинтересиран за следење на сопствената здравствена состојба или на онаа на блиските.

„Евентуално ова би го поддржало развојот на целиот систем како дел од паметната инвалидска количка“, тврди Динев.

Дел од материјалите кои им биле потребни за изработка на проектот, тимот ги снабдувал со средствата од освоената награда на младинскиот предизвик.

„На петте тимови со најдобри идеи им беше доделена награда од 1.000 долари за развивање на прототип од идејата. Имавме слобода во користењето на овие средства па можевме да се снабдиме со материјалите потребни за развој и создавање на прототип на паметната инвалидска количка. Дел од материјалите беа обезбедени од онлајн нарачки при барање на најефикасни понуди. Тука би спомнале дека предизвикот е поддржан од УНИЦЕФ и Фондација Телеком“, додава Мартин.

паметна инвалидска количка
Од тестирањето на моделот на паметната инвалидска количка / фото: лична архива

Членовите на SmartUp  можеле да контактираат македонски трговци кои потоа им нуделе специјални понуди и поддршка на тимовите победници, а тимовите имале и дополнителна поддршка од врвни експерти од ИТ компаниите во државата, како и од професори од техничките факултети на УКИМ.

Приказната за нивниот проект за паметната инвалидска количка Динев ја заокружува со плановите за успешно пласирање на продуктот на пазарот.

From Zero To Hero
„From Zero To Hero“ /фото: лична архива

„Наша цел е овој проект да биде доусовршен до степен со кој ќе можеме да пласираме одличен продукт на пазарот во светот. Моменталната фаза на развој е во тек на доусовршување на алгоритмите и хардверските оптимизации на самиот модел на количката, како и истражување на доста специфицирани нови технологии кои сакаме да ги имплементираме во уредот“, вели Динев.

За време на развивањето на проектот, Мартин, Давид и Благојче имале помош и од Вероника Љоровска, девојка со церебрална парализа. Со неа се запознале на еден од настаните и таа постојано била во тек со развивањето на идејата и ги советувала на што да внимаваат при моделирањето на паметната инвалидска количка.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!