Дена Карми (41), Палестинка која поминала 16 месеци во израелски затвор, раскажува потресна приказна за сексуалното малтретирање со која се соочила зад решетките. Нејзиното тело сè уште трепери додека раскажува за испрашувања во текот на ноќите од машки израелски разузнавачи. Во секој момент, таа била понижувана и носена поблиску до крајно сексуално малтретирање, пишува „Анадолија“.
Карми била уапсена во јули 2018 година во нејзината куќа во Хеброн и осудена на казна затвор од 16 месеци за наводно учество во социјални активности поврзани со Хамас во Хеброн заедно со уште шест други жени. Нејзиниот сопруг Нашат бил убиен во 2010 година од израелската армија.
„Вербалното сексуално малтретирање е дел од организирана политика на понижување и тортура врз сите палестински притвореници, особено врз жените и децата“, вели Сахар Франсис, директор на „Адамир“, група за човекови права и за поддршка на затвореници.
Таа вели дека израелските власти го направиле сексуалното вознемирување алатка за вршење притисок врз затворениците, особено на испрашувањата.
Друга палестинска затвореничка во раните 30-ти, вели дека била подложена на сексуално вознемирување во возилото за пренесување затвореници меѓу Рамалах и Ерусалим.
„Еден од еврејските криминалци кој седеше спроти мене почна сексуално да ме навредува. Бев шокирана и тропнав врз металниот кафез агресивно барајќи помош. Но, никој не одговори на моите апели. Еврејскиот затвореник ги соблече пантолоните и правеше одвратни сексуални движења што не сум во можност да ги опишам “, вели таа, инсистирајќи на анонимност.
Таа вели дека ниту еден офицер од единицата „Нахшон“, одговорна за пренесување на затворениците, не ѝ помогнал или не спречил еврејскиот криминалец да ја малтретира. Таа посочи дека криминалецот продолжил да ја малтретира повеќе од два часа.
„Плачев, се молев и го молев Бог да ми помогне“, додаде таа.
Тасним Џубран, психотерапевт и професионалец за ментално здравје, вели дека повеќето палестински затвореници избегнуваат да зборуваат за такви искуства поради страв од стигма, имајќи предвид дека локалната култура го третира сексот како срам.
„Сексуалното вознемирување се смета за траума што доведува до долгорочно физичко и психолошко нарушување во односот на жртвата со самата себе и со околината. Тоа влијае и на сексуалното здравје на жртвата ако таа нема психотерапија по ослободувањето “, вели Џубран.
Активистката на „Адемир“, Франсис, вели дека израелскиот правосуден систем не ги сфаќа сериозно поплаките поврзани со сексуално вознемирување.
„Ние документиравме и поднесовме многу жалби до израелските судови и до ОН. Но, до сега нема ефективен одговор “, рече таа.
Во 2015 година, „Адамир“ поднесе жалба против неколку полицајки кои физички малтретирале палестинска затвореничка, подложувајќи ја на претрес до гола кожа.
„Полицијата ги испита, но не беше покренато обвинение. Ова беше единствениот случај кога полицијата делумно реагираше “, додаде Франсис.