Утрински Весник
Свет

Пакистанскиот премиер го критикува Макрон за охрабрување на исламофобијата

Пакистанскиот премиер го критикува Макрон за охрабрување на исламофобијата

Пакистанскиот премиер Имран Кан го критикува францускиот претседател, Емануел Макрон, дека ја поттикнува исламофобијата напаѓајќи го исламот, пренесува „Анадолија“.

Во објавата на „Твитер“, Кан истакна дека карактеристика на еден лидер е да ги зближува луѓето наместо да ги разделува и дека жално е што Макрон ја поттикнува исламофобијата напаѓајќи го исламот наместо да ги напаѓа насилните терористи, без разлика дали се муслимани, бели расисти или пак нацистички идеолози.

Кан посочи дека Макрон решил намерно да ги испровоцира муслиманите, вклучително и своите граѓани, поттикнувајќи го прикажувањето на навредливите карикатури на пророкот Мухамед.

Нагласувајќи дека со напаѓањето на исламот францускиот претседател ги повредил чувствата на милиони муслимани низ Европа и светот, Кан додаде дека поголема поларизација е последното нешто што светот го посакува. Тој, исто така, истакна дека јавните изјави кои се засновани на незнаење ќе предизвикаат поголема омраза, исламофобија и екстремизам.

Сирак-ул-Хак, лидерот на пакистанската партија Џемаати Ислам, ги осуди изјавите на Макрон и истакна дека муслиманските лидери несомнено треба да реагираат на прикажувањето на карикатурите во зградите во Франција.

Хак наведе дека треба да се контактира со претседателите на муслиманските држави за да се разговара за ова прашање и итно на состанок да се повика Организацијата за исламска соработка.

Тој, исто така, рече дека прашањето треба да се донесе на дневен ред на глобалните форуми и дека Обединетите нации (ОН) треба да соопштат дека навредите против божјиот пратеник Мухамед ќе бидат казнети според меѓународното право.

Во Монпелје и Тулуз, во знак на сеќавање на професорот кој беше обезглавен минатата недела во квартот Конфланс-Сен-Онорин во близина на Париз, на ѕидовите на официјалните згради беа поставени карикатури на пророкот Мухамед од францускиот магазин „Шарли Ебдо“.

Макрон во својата изјава рече дека нема да престанат да ги објавуваат карикатурите за Мухамед.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење