Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – Основното јавно обвинителство Струмица до струмичкиот Основен суд поднесе предлози за издавање казни во висина од по 500 евра за 25 лица кои непостапувале според здравствени прописи за време на епидемија.
– Обвинетите не ги почитувале одлуките и мерките на Владата на Република Северна Македонија со кои се забранува движење на населението на територијата на државата. Со тоа, секој од нив, во одделни кривично правни настани, не постапил согласно прописите за сузбивање или спречување на опасната заразна болест предизвикана од коронавирусот, поради која е прогласена пандемија, се вели во соопштението од ОЈО.
Сите се товарат за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство Струмица за секој од обвинетите предложи судот да изрече парична казна во висина од по 50 дневни глоби, а секоја дневна глоба да е во висина од по 10 евра во денарска противвредност. аа/сп/