Утрински Весник
Македонија

Охридскиот кризен штаб бара строга контрола за влез и излез на лица во градот

Охридскиот кризен штаб бара строга контрола за влез и излез на лица во градот

Охрид, 10 април 2020 (МИА) – Кризниот штаб на општина Охрид за превенција и справување со коронавирусот побара од Националниот кризен штаб да ја разгледа можноста за воведување забрана за влез на жители од други општини и засилена контрола на населението при влез и излез од градот.

– Оваа мерка е неопходна, непосредно пред велигденските празници, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели. Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој. Врз основа на најавите за поволните временски услови кои се очекуваат во текот на наредните две седмици, оваа мерка е навистина неопходна, потенцираат од Кризниот штаб.

Додаваат дека оваа мерка значително ќе придонесе и за намалување на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните на Охрид, со тоа што ќе се оневозможи и редовна комуникација и фреквенција на граѓаните од територијата на општина Струга и селата од струшкиот регион каде што бројот на заболени од Ковид-19 секојдневно расте. Ова особено се однесува на градежни работиници кои работат на градежни објекти во Охрид, а потекнуваат од струшкото кризно подрачје.

Согласно препораките, екипи на ЈП „Охридско комуналец“ спроведуваат оперативни мерки за дезинфекција на влезовите, ходничните и скалишните простории на станбените згради на подрачјето на Општина Охрид.

Во текот на вчерашниот ден беа дезинфицирани дел од јавните објекти и јавните површини во градот, како ходничните и скалишните простории на ТЦ „Амам“, приемните и шалтерски простории на поштите, просториите во објектите на СВР Охрид, приемните и шалтерски простории на дел од банките, како и клупите и дел од јавните површини во центарот на градот.

Дезинфекцијата на јавните површини ќе продолжи интензивнo и во текот на наредниот период. аб/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме