Утрински Весник
Свет

Отстранети 10 тони угинати риби во реката Одра, не се знае причината за загадувањето

По масовното угинување на рибите во реката Одра, лабораториските испитувања на водата покажаа дека е констатирано високо ниво на соленост, но дека не е пронајдена жива, соопшти денеска полското Министерство за заштита на животната средина.

dobivaj vesti na viber

Полското Министерство за води во четвртокот соопшти дека околу 10 тони мртви риби биле извадени од реката, а стотици доброволци сè уште помагаат во отстранувањето на мртвите риби.

Полската министерка за клима и животна средина, Ана Москва, рече дека анализите на примероците на реката Одра земени од Полска и Германија покажале зголемено ниво на соленост, а деталната токсикологија допрва треба да биде завршена, пренесе „АП“.

Москва додаде дека резултатите од досега земените примероци од Германија не покажале големо присуство на жива.

Одра потекува во близина на чешкиот град Оломоуц и поминува низ Полска и Германија пред да се влее во Балтичкото Море, а долга е 854 километри.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска вети дека ќе направи се за да го спречи уништувањето на животната средина, а полското МВР понуди награда од 200.000 евра за секој кој ќе помогне во откривањето на одговорните за загадувањето на реката.

Можете да прочитате

Маж се здоби со тешки изгореници од струен удар додека правел селфи на покрив на воз во Германија

Вооружена банда мотоциклисти киднапирала повеќе од 60 луѓе во северозападна Нигерија

Кина повторно воведe портокаловo ниво за опасност од дождовни бури