Утрински Весник
Свет

Откриена нова масовна гробница во Буча – пронајдени седум тела

Уште една масовна гробница со тела на цивили е пронајдена во Киевската област во Буча, објави на Фејсбук командантот на полицијата на Киевската област Андриј Небитов, пренесува Укринформ.

– Русите овде мачеа седум цивили, а потоа кукавички ги застрелаа во глава – напиша командантот на киевската полиција, Андриј Небитов, додавајќи дека „на неколку жртви им биле врзани рацете и колената“.

Седум тела се откриени во новооткриената гробница кај Буча, каде по повлекувањето на руската армија од Киев на крајот на март беа откриени тела на бројни цивили, соопшти киевската полиција.

Небитов рече дека гробницата е откриена денеска на местото каде што биле стационирани руски војници, кај селото Миротска, 10 километри северозападно од Буча и 35 километри од Киев.

Тој додаде дека сега се работи на идентификување на жртвите.

Укринформ претходно објави дека од 3 јуни се пронајдени телата на 1.314 локални жители кои беа убиени од руските сили во регионот на Киев.

По заминувањето на руските војници од регионот на Киев, каде што беа откриени телата на стотици украински цивили, Буча стана симбол на руските воени злосторства.

Москва постојано ги негираше обвинувањата, велејќи дека тоа е „фалсификување на информации“, тврдејќи дека злосторствата ги извршиле Украинци со поддршка од Западот.

Киевската полиција потсети дека на крајот на април во јама во селото Миротска беа откриени осакатените тела на тројца застрелани мажи со врзани очи, пренесе Аваз.ба.

Можете да прочитате

Орбан: За мир во Украина потребна е средба меѓу Путин и Трамп

Амнести Интернешнл: Израелскиот предлог за „хуманитарен град“ е намера за воени злосторства

Нојман: Употребата на дронови во војната во Украина „не е пример“ за воздушните способности на НАТО