Утрински Весник
Свет

Откажана посетата на Помпео во Европа, лидерите на ЕУ одбиле да се сретнат со него

Помпео го повика Ватикан да го осуди кршењето на верските слободи во Кина

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во последен момент ја откажа европската турнеја откако министерот за надворешни работи на Луксембург и високи претставници на ЕУ одбиле да се состанат со него, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на европски и американски дипломати.

Помпео требаше да се сретне со министерот Жан Аселборн во Луксембург пред да се сретне со лидерите на ЕУ и врвен европски дипломат во Брисел, но планот да замине во Луксембург бил откажан откако официјалните лица го одложиле наоѓањето сместување за американскиот дипломат и неговата придружба, тврдат дипломатските извори.

Еден од дипломатските извори тврди дека на сојузниците од НАТО им било непријатно да се сретнат со Помпео по насилството минатата среда во Вашингтон кога приврзаниците на претседателот Доналд Трамп насилно ја прекинаа седницата на Конгресот.

Згрозен од насилството, Аселборн го нарече Трамп „криминалец“ и „политички пироман“. Помпео го осуди насилството, но не ја спомна улогата на претседателот Трамп и неговите обвинувања за изборна кражба што го предизвика маршот на Капитол Хил.

Министерството за надворешни работи на Луксембург го потврди откажувањето на состанокот, не давајќи никакви детали. Официјален Брисел исто така одби да коментира за откажувањето на турнејата на Помпео.

Американскиот Стејт департмент откажувањето на патувањето го припишува на обврски околу примопредавање на власта, пред да влезе новоизбраниот претседател, Џо Бајден, во Белата куќа на 20 јануари.

Во Брисел, Помпео требаше да се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на приватна вечера во неговата резиденција, а потоа и со белгиската министерка за надворешни работи, Софи Вилмс.

Претставниците на ЕУ, истоштени од непредвидливото однесување на Трамп, сакаат да градат нови односи со новоизбраниот претседател Бајден, оценуваат дипломатите.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница

Интерпол уапси повеќе од 1.000 осомничени за кибер криминал во Африка

На сила стапи договорот за прекин на огнот во Либан