Утрински Весник
Македонија

Отецот Партениј нов епископ на МПЦ-ОА, митрополитот Кумановско-осоговски се повлекува од здравствени причини

Отецот Партениј нов епископ на МПЦ-ОА, митрополитот Кумановско-осоговски се повлекува од здравствени причини

Скопје, 21 мај 2020 (МИА) – Македонската православна црква – Охридска архиепископија доби нов епископ.  Синодот на МПЦ-ОА денеска го избра игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ архимандрит Партениј за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија со титула „Антаниски“ според античкиот град Антанија кој бил епископско седиште.

Тој истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

На денешната седница на Светиот архиерејски синод е прифатена и одлуката на митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф да биде ослободен од митрополиската должност од здравствени причини, а за негов наследник е избран игументот на „Свети Јоаким Осоговски“, отец Григориј за епископ Сарандополски до моментот додека да биде интронизиран за Кумановско-осоговски.

Отец Партениј е избран едногласно, а отец Григориј со значително мнозинство.

Одлуката на митрополитот Кумановско-осоговски да се повлече од митрополската должност, како што изјави портпаролот на МПЦ-ОА митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, е малку невообичаена, имајќи предвид дека г. Јосиф е човек на 40-тина години.

– За најголем дел од македонската јавност, вклучително и за мене како портпарол на Светиот Архиерејски Синод, не знаев дека е во таква состојба, дека ќе побара ослободување од архиерејска должност имајќи предвид дека е човек на 40-тина години, изјави Тимотеј.

Наречението (објавување на веста пред верниците) за отец Партениј е закажано за 11 јули во манастирот „Свети Јован Бигорски“, а на 12 јули на празникот на светите апостоли Петар и Павле ќе се одржи хиротонијата во храмот Света Софија во Охрид.

За отец Григориј наречението е закажано за 25 во манастирот „Јоаким Осоговски“, а на 26 ќе се одржи хиротонијата во црквата Свети Никола во Куманово. бак/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Долгорочни прогнози: Не чека блага зима со малку снег

Кражба во црквата „Свети Никола“ во Катланово, маж снимен како ги собира парите од иконите

Изминатите четири дена уапсени седум лица за безобзирно управување на возило