Скопје, 6 март 2020 (МИА) – Нов Центар за ран детски развој, каде ќе се вршат проценки на потребите на децата за рехабилитација и на нивните семејства за поддршка, но и индивидуална и групна работа со децата, се отвори на 2 март годинава во Скопје. По повод Европскиот ден на логопедијата, денеска Центарот го посетија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.
Центарот, како што рече денеска градоначалникот Шилегов, е отворен во соработка со Сојузот за специјални едукатори и рехабилитатори и УНИЦЕФ.
-Во рамките на овој Центар ќе се вршат и третмани и превенции, и индивидуална и групна работа со родители, односно давање на психосоцијална поддршка. Услугите во Центарот може бесплатно да ги користат сите деца до шестгодишна возраст кои имаат развојни задоцнувања, односно попреченост а истовремено ќе биде обезбедена и поддршка на нивните семејства преку едукација, работа и подобрување на техничките услуги за работење во домашните услови, рече Шилегов.
Тој појасни дека со децата и семејствата ќе работи мултидисциплинарен тим составен од стручни лица, специјален едукатор, рехабилитатор, логопед, физиотерапевт, психолог, психотерапевт и негувател, кои активно ќе се вклучат и ќе ги вклучат родителите во терапевтските превенции.
Раната интервенција, според Шилегов, овозможува стимулирање на равзојот на децата преку реализација на активности за развојни вештини и директна вклученост на родителите со што ќе се придонесе кон промовирање на позитивни, социјални и емотивни интеракции меѓу родителите и децата.
На овој начин тој додаде дека се подобри квалитетот на животот на овие деца и на нивните семејства, но и ќе се зголеми нивната партиципација во заедницата, што позитивно влијае на унапредување на квалитетот на животот на градот.
-Ги прифаќаме различностите и одговараме на потребите на сите наши сограѓани без исклучок. Скопје е град за сите и бескомпромисно ќе се бориме да го олесниме и подобриме секојдневието на секој наш сограѓанин и да му ја дадеме нашата помош кога му е најнеопходно, додаде градоначалникот.
Заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ истакна дека секое дете има свој потенцијал и во секое дете треба да вложуваат согласно индивидуалните потреби на децата а тоа, како што додаде, се однесува и на децата со попречености.
-Министерството за труд и социјална политика изминативе две и пол години работеше интензивно на реформи во системот на социјална и детска заштита со цел на најранливите во нашето општество да им обезбедиме еднакви можности. Изминатиов период инвестиравме заедно со општините во развој на вакви услуги на локално ниво.
Шкријељ потсети дека измината година со Сојузот на дефектолози, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука првпат го пилотирале моделот на функционална попреченост која, како што додаде, е од клучно значење од најрана возраст, за да се фокусираат на способностите и можностите на секое дете. Целта е појасни, да им овозможат на децата согласно нивните индивидуални потреби да се развијат во возрасни личности кои ќе можат да допринесат во општеството.бт/мс/