Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Во Нерези денеска се отвори новиот пензионерски клуб, каде пензионерите ќе можат да се социјализираат и дружат. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска ги посети повозрасните сограѓани, но и учениците од општинското основно училиште „Братство“, со цел да се поттикне меѓугенерациска дружба.
-Ова е повод и место каде што вие, повозрасните, ќе можете да им споделувате важни животни, работни искуства на најмладите, а они да ви покажат што знаат и умеат, затоашто секој ден учиме нови работи, а Карпош е дом за сите генерации, порача градоначалникот Богоев.
Учениците од училиштето „Братство“ на пензионерите им читаа и свои литературни творби. Како што соопшти општината, овој тип на меѓугенерациски средби во пензионерските клубови ќе продолжи и во претстојниот период, а наскоро ќе се отвори пензионерски клуб и во населеното место Бардовци.
Богоев денеска ги спомена актуелните проекти, како што е враќањето на „Партизан“ во владение на Општината, објект кој е во колективната меморија на највозрасните и новиот парк на булеварот „Илинден“, што ќе претставува место за рекреација и спорт за сите граѓани.бт/са/