Утрински Весник
Македонија

Отворено писмо на проф. д-р Вујица Живковиќ, проректор за настава на УКИМ и кандидат за ректор

Отворено писмо на проф. д-р Вујица Живковиќ, проректор за настава на УКИМ и кандидат за ректор

Скопје, 14 јуни 2020 

Ректорот Јанкуловски упати јавно груби навреди кон проректорите. Во интерес на вистината, сакам да потенцирам дека лошата комуникација со него не е резултат на однесувањето на проректорите, туку на однесувањето, постапките и односот кон функцијата од страна на ректорот, како и неконзистентноста во политиките на раководењето и немањето визија за развој на Универзитетот. Тој ги толкува работите со таква непримерна леснотија со што го доведе УКИМ во состојба во која се наоѓа.

Во својата програма за кандидат за ректор во 2016 година, покрај другото тој ветуваше дека УКИМ ќе биде меѓу првите 500 на Шангајската листа. А сега, во емисии изјавува дека Шангајската листа не ни е битна, бидејќи сме биле ориентирани кон Европа?! Без трошка срам, своето непознавање на работите и неспособност ни ги пласира како тези, но заборава дека се обраќа на универзитетската јавност, која точно знае што е и зошто е значајна Шангајската листа. Не само на неа, УКИМ е паднат на сите други листи.

Тој посочува пример за Вебометрикс и свесно ги извртува работите, со тоа што кажува дека на неа меѓу 20.000 универзитети ние сме биле меѓу првите 9.6%. Така е, но не ја кажува главната работа, а тоа е дека кога тој ја презеде функцијата во 2016 година УКИМ на оваа скала беше на 1196 место, а сега е на 1607, односно за 411 места подолу.

На најпрестижната скала во светот за рангирање во науката Scimago, УКИМ во 2016 година беше на 629 место, а за само три години во 2019 година падна за 105 места подолу, односно на 734 место. За прв пат во историјата на нашиот Универзитет, Штипскиот универзитет е рангиран подобро од УКИМ.

Деновиве читаме, дека и на скалата на The center for world university rankings (CWUR) само за една година Универзитетот паднал за 101 место. Неговите објаснувања и обиди да ја поврзе оваа катастрофа со нобеловци и финансирање на науката се проѕирни, а под проѕирноста се гледа само неспособноста. Неспорен е фактот дека издвојувањата за науката се мали. Но, тие се исти и во 2016 и сега. Ниту во 2016 имавме нобеловци, ниту сега имаме, ниту ние, ниту Штип. Значи не е до нобеловците, туку до менаџирањето.

За сето ова тројцата проректори алармиравме повеќе пати, и баравме средба со ректорот, но за жал тој воопшто не сакаше да разговара. Нашиот последен обид да оствариме средба за актуелните случувања беше навистина некарактеристичен за еден тим, а тоа беше со писмо да му се обратиме и да бараме средба. Но, за жал и тој обид останa безуспешен. Така што, тезите на Јанкуловски дека ако нешто не ни се допаѓало во неговото менаџирање, тројцата проректори можеле да поднесат оставка, е навистина незрело. Секој совесен и самокритичен раководител, би се запрашал што не е во ред, ако не еден, туку тројца проректори му укажуваат дека универзитетот не е на добар пат.

Од друга страна, проректорите не ги бира ректорот, туку во постапка со тајно гласање ги бира Универзитетскиот сенат и токму поради таа наша одговорност, во изминатиот период правевме континуирани обиди за отворање на проблемите што УКИМ го донесоа до оваа незавидна позиција. На крајот, бидејќи неговото менаџирање од ден на ден се покажуваше како се понеуспешно, логично беше тој да си поднесе оставка.

За жал, со неисполнети ветувања од неговата програма и со куп проблеми, денес тој се осмелува да бара и втор мандат од академската заедница, и тоа во нетранспарентна и незаконска постапка, без конституиран сенат и избран претседател на Сенатот.

проф. д-р Вујица Живковиќ, Проректор за настава на УКИМ и кандидат за ректор

____________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Меморијален центар АСНОМ- споменик на создавањето на современата македонска држава

Филипче: Се создава впечаток дека некој сака да ја скрие вистината за скандалот на аеродромот

Ахмети кон Вјоса Османи: Извини, ни го донесоа Путин во влада