Утрински Весник
Македонија

Отворена нова градинка во Шуто Оризари

Отворена нова градинка во Шуто Оризари

Во Шуто Оризари е отворена новата градинка „8 Април“ со капацитет за 150 деца. Премиерот, Зоран Заев, рече дека објектот е изграден со примена на најсовремени енерго – ефикасни решенија.

„Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина со 22.000 жители претежно од ранливи категории, ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка конципирана според највисоките стандарди за предучилишна установа. По завршувањето на втората фаза од реконструкцијата на градинката „8 Април“ го зголемуваме капацитетот на згрижени деца од оваа општина кој сега изнесува вкупно 236 деца и дополнителни 70 во делот јасли. Објектот е изграден со примена на најсовремени енерго – ефикасни решенија и со вграден зелен покрив кој нуди дополнителни можности за активности на отворено. Освен високите стандарди за енергетска ефикасност, градинката „8 Април“ ги вклучува и стандардите за пристапност и инклузивна опрема за игралишта, обезбедувајќи им и на децата со попреченост да уживаат еднакви можности со своите врсници“, рече Заев.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, информираше дека градинката има капацитет да згрижи 150 деца, а заедно со новиот дел кој се доизгради, ќе бидат опфатени 236 деца на возраст од 2-6 години, организирани во 6 занимални и 70 деца во јасли или вкупно 306 деца.

Градоначалникот Курто Дудуш рече дека приоритет и во иднина ќе биде изградба на што повеќе воспитни установи и паркови, разеленување на општината и создавање на услови за здрав раст и развој на децата.

Можете да прочитате

Поплава од македонски знамиња на профилите на функционерите од СДСМ

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор

Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме