Утрински Весник
Свет
Img 7972

Осудена новинарката која упадна во програма во живо, но тоа не е крај на постапката

Осудена новинарката која упадна во програма во живо, но тоа не е крај на постапката
Img 7972

Новинарката Марина Овсјаникова денеска беше сослушана во Окружниот суд Останкино.

Според руските медиуми, на неа ѝ се судело за непријавен јавен собир, а за тоа е предвидена казна затвор од 10 дена, 50 часа јавна работа или парична казна од 30.000 рубљи, што е околу 250 евра.

Според информациите од тамошните медиуми, таа денеска била осудена со парична казна од 30.000 рубљи.

Во првата изјава Овсјаникова им се заблагодари на новинарите и медиумските здруженија за поддршката, а рече и дека минала два непроспиени дена.

„Бев изолирана 14 часа, сослушувањето траеше толку долго, не можев да контактирам со моите роднини, целото тоа време бев без вода и без медицинска помош“, изјави таа на новинарите по излегувањето од судницата, додавајќи дека ќе има повеќе коментари во наредните денови.

Таа е осудена поради видеото што го снимила пред упадот во програмата, преку кое ги повикала луѓето на бунт.

Но, тука не е крајот на постапката против неа.

Извор на агенцијата ТАСС од органите на прогонот изјавил дека против неа се спроведува и предистражна проверка за прекршување на член 207.3 од Кривичниот законик (јавно ширење на намерно лажни информации за употреба на руските вооружени сили).

Според овој член, новинарката може да се соочи со парична казна од 700.000 рубљи, но и затворска казна од три до 15 години.

Претходно денеска, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговата земја ќе понуди поддршка на Русинката која вчера го прекина преносот во живо на информативната програма на руската државна телевизија со цел да ја осуди војната во Украина.

Можете да прочитате

Папата вели дека примирјето во Газа дава „искра на надеж“

Хамас соопштил дека уште денеска може да ги ослободи заложниците, потврди дека 20 се живи

Во Јужна Кореја издадено предупредување за евакуација