Крива Паланка, 30 март 2020 (МИА) – Во просториите на поранешниот младински центар „Вавилон“ во Крива Паланка е адаптирана просторија за земање брисеви за Ковид-19 од страна на стручен тим од ПЕ на хигиено-епидемиолошка служба на кривопаланечкиот Центар за јавно здравје.
– Општина Крива Паланка во соработка со Центар за јавно здравје од Куманово, адаптира и подготви соодветна просторија за земање брисеви за Ковид-19, бидејќи во Оштината нема пункт за тестирање. Со ова им излегуваме во пресрет на сите граѓани кои уредно преку мој термин ќе закажат тестирање од корона вирус, за да не патуваат во Куманово, информира градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Тој посочи дека дезинфекција и мерки за заштита во Општината се вршат постојано.
– Бидејќи Крива Паланка е општина што се протега долж магистралниот пат А2, дел до коридор 8, беа дадени и посебни насоки од страна на општинскиот кризен штаб до пазаришниот, трудовиот и санитарниот инспекторат да се вршат контроли на сите трговски објекти кои се наоѓаат долж оваа сообраќајница, но и на бензинските пумпи кои беа како критични точки каде запираа патници кои се враќаа од ризичните земји, а сега запираат превозници на стоки, додава Мицевски.
Дезинфекција е извршена на ГП Деве Баир, на сите јавни површини во Општината, улиците и јавни институции. ид/сп/