Во рамките на официјалната посета на Албанија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.
„Неспорно е дека односите меѓу нашите две земји одамна го надминуваат прагот на добрососедство и тие се втемелени на основите на стабилно и долгорочно пријателство. Сметам дека ова наше пријателство ги надминува интересите само на нашите две земји и претставува еден од најзначајните столбови за стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион“, изјави Османи.
Заокружувањето на евро-атлантската агенда, со акцент врз формалниот почеток на преговорите за членство во Европската унија беше една од важните теми на дискусија на состанокот. Шефовите на дипломатиите се согласија дека истрајноста на двете држави на овој курс и актуелните реформи поврзани со тоа, претставуваат дополнителна гаранција не само за просперитет и подобрениот стандард на граѓаните, туку и за севкупниот развој и односите во рамките на самиот регион.
Соговорниците ја подвлекоа потребата од реализација на проекти за инфраструктурно и енергетско поврзување, но и интензивирање на соработката во други области, како трговијата, туризмот, културата, образованието. Посебен фокус беше ставен и на Иницијативата 8, како вреден форум за унапредување на трилатералната соработка.
„Имаме добра шанса да обезбедиме комплементарност и реализација на сите иницијативи, вклучително и на Иницијатива 8, имајќи предвид дека со тоа ја зацврстуваме патеката што води кон Брисел“, нагласи Османи.
Во продолжение на посетата на Тирана, министерот Османи ќе се сретне и со претседателот Илир Мета, државниот министер за дијаспора Пандели Мајко, како и со лидерот на Демократската партија на Албанија Љуљзим Баша.