Утрински Весник
Македонија

Османи: Ставот на Владата во врска со изборите ќе се знае до петок, зависи од вонредната и состојбата со вирусот

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека до петок ќе се знае ставот на Владата за вонредната состојба која трае до 14 јуни, а кој, заедно со мислењето на Комисијата за заразни болести за состојбата со пандемијата ќе бидат одлучувачки за датумот за одржување на изборите.

– Мој став е дека треба да чекаме до петок, кога завршува вонредната состојба, за да направиме пресек на трендовите, да го видиме мислењето на Комисијата и врз основа на тоа да ја донесеме одлуката за вонредната состојба. Вонредната состојба ќе влијае директно на изборите. Така што, ќе почекаме до петок каков ќе биде ставот на Владата за вонредната состојба – одговори Османи на новинарско прашање дали останува 5 јули за датум за одржување на изборите.

Тој денеска на прес-конференција исто така информираше дека во наредните два дена се очекува на земјава да ѝ биде доставен првиот нацрт на преговарачката рамка, што ќе биде доставен на земјите-членки за нејзино разгледување во рамки на телата на Советот на ЕУ.

До крајот на месецот, во рамки на хрватското претседателство, се очекува верзија која ќе ги вклучи и првичните ставови на членките на ЕУ, по што процесот продолжува во рамки на германското претседателство. Османи додаде дека нацртот на преговарачката рамка ќе биде проследен и со мини извештај за состојбите и напредокот на земјава.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева

Македонија е избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) (2025–2027)

СДСМ: Скопје и Аеродром со ВМРО-ДПМНЕ го живеат најголемиот ужас од своето постоење