Скопје, 7 мај 2020 (МИА) – Нашиот став останува дека Комисијата за заразни болести треба да каже дали изборниот процес го загрозува или може евентуално да го загрози индивидуалното или колективното здравје на граѓаните и дека политичките одлуки треба единствено да е засновуваат на одлуките на епидемиолозите односно на професионалните одлуки на Комисијата, потсети вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи при денешната посета на Институтот за јавно здравје и најави дека СЕП ќе му помогне на Институтот за зголемувањето на капацитетот за тестирање, со цел побрзо олеснување на рестриктивните мерки.
На средбата во Институтот за јавно здравје и молекуларно-вирусолошката лабораторија при овој Институт, како и со Комисијата за заразни болести и претседателот на Комисијата, како што посочи, разговарале за сите актуелности во врска со пандемијата Ковид-19 и додаде дека се заблагодарил во име на Владата и во име на граѓаните за исклучително добрата работа на Институтот и на вработените во Институтот.
– Добив информација од Институтот дека денеска има еден невообичаен пик на зголемување на позитивните случаи во споредба со претходните денови кога имавме под пет отсто од тестираните, денеска имаме околу 10 проценти со вкупно 33 случаи. Ќе треба да се следи во наредните денови овој тренд, па врз основа на тоа да се донесе одлуката. Сепак сметаме дека е време за внимателно заменување на цврстите мерки со меки мерки, рече Османи.
Разговаравме, додаде тој , и со епидемиолозите и вирусолозите и за изборите и изборниот процес, како тие го предвидуваат, го гледат тој процес.
– Нивен став е дека во услови кога и да се одржат изборите ќе треба да се одржи физичката дистанца и да се носи заштитната опрема, односно маска итн. Врз основа на тие критериуми сепак политичарите треба да донесат одлука дали и кога е можно да се одржат избори, имајќи ги предвид овие критериуми што ќе ги утврди Комисијата за заразни болести, прецизира Османи.
Тој посочи дека Институтот беше столб на борбата на Владата против пандемијата и потенцира дека денеска разговарале и за можностите за зголемување на капацитетите и подобрување на условите за работа.
– Разговаравме, особено за капацитетите за тестирање и што може дополнително да понуди Секретаријатот за европски прашања за зголемување на капацитетите, покрај обезбедената една дополнителна PC машина и пет илјади тестови преку Агенцијата за атомска енергија. Потребата за зголемување на капацитетите за тестирање ќе биде исклучително важна сега во услови кога Владата веќе разговара за пакет на олеснителни мерки, односно за замена на рестриктивните мерки со меки мерки. Во такви услови ќе треба капацитет за тестирање, детектирање и изолирање на сите случаи, со цел спречување на повторно проширување на болеста, истакна Османи. вј/сп/