Утрински Весник
Македонија

Османи: Почетокот на преговорите оваа година целосно ќе ги стави во фокус европските интеграции

Османи: Почетокот на преговорите оваа година целосно ќе ги стави во фокус европските интеграции

Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Содржината на Преговарачката рамка, како и содржината на претстојниот Извештај нa Комисијата за напредокот на земјава и соработката меѓу Европската Унија и Северна Македонија во справувањето со пандемијата и нејзините последици, беше во фокусот на разговорот што вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи го оствари преку видео-конференциска врска со директорот на Директоратот за проширување при Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

– Претставува голем успех и за Унијата, и за Северна Македонија, да се обезбеди консензус за почеток на преговорите во најсилниот период од кризата поврзана со пандемијата. Дозволете во името на Владата да пренесам благодарност до целата администрација на вашиот Директорат, и секако до вас, за упорноста и личниот ангажман во оваа насока, рече Османи на почетокот од разговорот.

Како што соопшти СЕП, тој изразил задоволство и од остварената соработка со Унијата во справувањето со пандемијата и вклучувањето на земјава во сите активности и политики на Унијата за оваа цел.

– Очекуваме Комисијата да излезе со преговарачката рамка на почетокот од следниот месец, која, пак, заедно со Извештајот, ќе преставуваат објективен и мериторен приказ на состојбите во земјава, како и за потребите на земјата за остварување на суштински напредок кон членство во ЕУ, истакна Османи, притоа ставајќи ги на располагање сите капацитети на земјава за придонес кон остварување на овие цели.

Османи додаде дека амбиција на земјава е оваа година да се одржи и Првата меѓувладина конференција и да го започнеме Билатералниот скрининг, со што, како што рече, Северна Македонија во целосен капацитет ќе се посвети на преговорите со Унијата. нд/бак/


Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија