Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес имаше средба со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.
„Остануваме посветени на продлабочување на стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија, како еден од главните приоритети на нашата надворешна политика, сега веќе проширено и со партнерството во северноатлантската алијанса“, изјавил Османи, упатувајќи притоа искрена благодарност за континуираната и цврста поддршка од страна на САД за остварување на евроатланските цели на нашата држава.
Како што соопштија од МНР, Османи се осврнал на, како што рекол, успешно спроведените фер и демократски избори, укажувајќи дека Владата од првиот ден ќе продолжи со реформските процеси и со остварувањето на зацртаните приоритети.
„Членството во НАТО, не само што е валоризација на претходно остваренoто, туку е и силен поттик за натамошна длабинска трансформација на општеството, во пресрет на почетокот на преговорите со Европската Унија“, истакнал Османи, посочувајќи ја земјава како силен и искрен партнер на САД во регионот.
Амбасадорката Брнз му го честитала на министерот Османи преземањето на новата должност, реафирмирајќи ја притоа силната поддршка на американската влада за продолжување на нашата реформска агенда посочувајќи и на стратегиското партнерство меѓу двете земји, дополнително зацврстено и преку сојузништвото во рамките на НАТО Алијансата.