Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информираше за актуелностите и состојбите во надворешната политика, а во контекст на засилената агенда во пресрет на претстојните самити на ЕУ во ноември и декември, кога се очекува и финализацијата на Преговарачката рамка, како и одржувањето на првата Меѓувладина конференција како формален старт на преговорите со ЕУ.
Османи информираше за претстојните три важни посети во текот на оваа недела: утрешната посета на земјава од страна на еврокомесарот Вархеји, која доаѓа по денешното објавување на Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија и економскиот пакет за Западен Балкан; за првата официјална владина посета на НАТО во Брисел како полноправна членка на Алијансата, каде се очекува средба со генералниот секретар Столтенберг; како и за официјалната посета на министерот Османи на Софија в петок, каде ќе има средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Во рамките на очекувањата за постигнатиот напредок во европските интеграции, Османи посочи на реализација на бројните реформски планови изминатиот период, нешто што беше потврдено и во бројни извештаи претходно, притоа, посочувајќи го и успешно завршениот набљудувачки скрининг како прва фаза од пристапните преговори.
„ Сите овие активности веќе беа валоризирани и преку Одлуката на Советот на ЕУ од март за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Очекувам, Европската Комисија да го валоризира напредокот од аспект на содржинскиот Дијалог со Европската Комисија, кој неспорно е кренат на повисоко ниво. Во оваа насока имаме обврска да продолжиме во иста насока, и преку засилен ангажман, и на Владата, и на сите политички чинители, да ја финализираме и да ја пополниме преговарачката структура, со цел и политички и административно – технички да го пречекаме стартот на преговорите од крајот на годината“, нагласи Османи.
Османи посочи и на начинот на кој земјата се справи со предизвиците од пандемијата, укажувајќи на специфичните политички односи кои претставуваа тест и за политичката и демократската зрелост на земјата.
„ Начинот на владеење, преку неколкукратни вонредни состојби, и водење на политиката преку уредби на Владата претставуваше нов политички момент и тест за функционалноста на демократските институции. Постои општ впечаток дека овој испит го минавме покажувајќи висока политичка и демократска зрелост, особено фактот што во време на активна пандемија организиравме фер, слободни, и компетитивни избори, со примена на сите мерки за превенција од корона вирусот.“
На брифингот Османи информираше и за официјалната посета на Бугарија во петок оваа недела, каде што Министерот ќе оствари средба Министерката Екатерина Захариева, што ќе претставува и негова прва официјална билатерална посета како Министер за надворешни работи.
„ Очекувам да испратиме пораки на пријателство, пораки на взаемна поддршка, а во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата – а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи“, истакна Османи, посочувајќи и на претстојниот Софиски самит на Берлинскиот процес, како можност за реафирмација на пријателските односи меѓу двете земји.