Скопје, 26 март 2020 (МИА) – Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи смета дека земјава остварила голема победа со тоа што добила одлука за почеток на преговорите со ЕУ, нешто што, како што вели, 15 години не можела да го направи поради ветото на разни земји.
-Ние овие 15 години досега имавме проблем да добиеме одлука за почеток на преговори за членство во Унијата. Одлуката значи политичка волја на 27 земји членки да ни дадат можност да влеземе во последната фаза од патот кон ЕУ кој ќе заврши со полноправно членство во Унијата. Остваривме огромна победа вчера со тоа што добивме одлука што не можевме да ја добиеме 15 години, реле Османи на денешната прес-сконференција одговарајќи на новинарско прашање.
Започнувањето на преговорите, рече, има три моменти, одлука за почнување на преговорите, преговарачка рамка и ден кога се одржува меѓувладината конференција кога формално започнуваат преговорите. Ние вели Османи, вчера добивме одлулка за почнување на преговори, нешто што не можеше да се направи во изминатите 15 години.
-Според најавите што јас ги имав претходно пред пандемијата, планот за нас беше првата меѓувладина конференција да се одржи некаде во јуни. Бидејќи сега Советот даде мандат на Комисијата да подготви преговарачка рамка, таа треба да се усвои и да се одржи меѓувладина конференција на која јас како шеф на државната делегација би присуствувал во Брисел пред земјите членки и би ги презентирал нашите позиции. Но сега заради пандемијата кога ќе се одржи таа меѓувладина седница не може да се каже, бидејќи целиот свет, па и ЕУ функционира во вонредни услови, рече Османи.
Прашан дали преговарачките тимови може брзо да се преструктуираат за работа по новата методологија, односно наместо по поглавја по кластери, вицепремиерот Османи истакна дека тоа може да се направи во кус период, но оти сега е прашање како ќе се справиме со пандемијата за да се создадат непречени услови за работа. сст/ац/