Утрински Весник
Македонија

Османи на Состанокот на министрите за внатрешни работи во рамките на Берлинскиот процес

Османи на  Состанокот на министрите за внатрешни работи во рамките на Берлинскиот процес

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје имаше воведно обраќање на Состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите учесници во Берлинскиот процес на тема: „Национална, прекугранична и човечка безбедност во време на пандемија: стратегија, координација и синергија меѓу ЕУ и 3Б“

„Го отвораме патот за вториот дел од заедничкото претседателство со Берлинскиот процес, кој го менаџираме заедно со нашите партнери од Република Бугарија. Во текот на овој и следниот месец ни претстои интензивна и набиена Агенда, серија министерски состаноци и работни сесии, кои имаат за цел да кулминираат на дводневниот Самит во Софија на 10 ноември, кога се надевам дека заеднички ќе прогласиме напредок и успех во регионалната соработка“, истакна Османи, посочувајќи на бројните иницијативи што ќе се отворат на пристојниот состанок од кои посебно значење придаде на иницијативата за Регионалниот договор за слободно патување со лични карти.

„Успехот на оваа иницијатива значително ќе го олесни понатамошното слободно движење на нашите граѓани и добра низ целиот регион како клучна цел на т.н. ‘Конективити агенда’, што, пак соодветно значи и зајакнување на економската размена, на поголем потенцијал за бизнис, создавање можности за поголема размена и во туризмот“, нагласи Османи.

Министерот посочи и на целите на Берлинскиот процес подвлекувајќи ги регионалната соработка, инфраструктурното поврзување и создавањето на заедничкиот пазар како фундаменти на економскиот раст и подготовка на регионот за пристап кон заедничкиот европски пазар.

„Регионот се менува и тоа согласно нашите домашни и регионални потреби за поголема меѓусебна поврзаност, за поголема културна, економска и општествена размена од која бенефит ќе имаат нашите граѓани, но да го менуваме и согласно европските принципи, стандарди и секако вредности, затоа што на регионот му е потребна европеизација по сите линии на општественото дејствување, затоа што овој Регион е дел од Европа и наскоро треба да биде и дел од Европската Унија“ потенцираше Османи.

Состанокот на министрите за внатрешни работи се одржува на тема „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“, во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е прв од серијата министерски состаноци на веројатно најважната регионалната иницијатива – Берлински процес, иницијатива која несомнено изврши, и сѐ уште има огромно влијание врз европската перспектива на целиот Регион.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Костадинов: Општина Струмица е подадена рака на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства

Сообраќајка на патниот правец Гостивар – Стража, сообраќајот е во прекин

Лефков: Аврамовска Мадиќ која ги осмисли измените во Кривичниот законик не може да е ново лице во СДС