Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешниот брифинг со новинарите информираше за претстојната меѓународна конференција под наслов „Западен Балкан: Делот што недостасува за Европа да биде целосна“, во рамките на Преспа Форумот за дијалог, која ќе се одржи на 1-2 јули, во Охрид и Отешево.
„Наредната недела, во Охрид и Отешево ќе се одржи најголемата меѓународна конференција која државава ја има организирано. Во основата на Преспа Форумот за дијалог се наоѓаат три столба, тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот од Преспа. Овие договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за нас, туку и за регионот. На овие договори почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста и демократијата, овде на Балканот“, истакна Османи.
Тој информираше дека Конференцијата е во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Премиерот и Владата на Република Северна Македонија. Притоа, нагласи дека ова е најголемиот настан што државата го организирала, кој преставува предизвик од секаков аспект: од организационо технички, протоколарен, па се до политички предизвик, да се биде домаќин на највисоки гости од регионот, од Европа, па дури и од САД. На листата на гости се наоѓаат скоро поголемиот број од премиерите во регионот, министри за надворешни работи, дел од министрите за економија, за финансии, има претставници и на Европската Унија, претставници на бројни мултилатерални организации, на регионалните иницијативи, претставници на земји – членки на унијата, претставници на САД и се очекува размена на мислења, размена на идеи, како и плодни заклучоци кои ќе остават печат не само на земјава туку и на целиот регион, рече Османи.
За време на брифингот, Османи, исто така, посочи дека во пресрет на стартот на конференцијата, на 30 јуни, ќе се одржи неформален состанок Б6, или Балкан 6, во кој министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан, ќе одржат таканаречена, средба без вратоврски.
„Мојата интенција е овој неформален формат, слично како и на другите европски формати како што се В4, или Ц5, да стане редовна активност на министрите од регионот, каде ќе можеме неформално да разменуваме мислења, информации и да предлагаме идеи за сите предизвици, можности во рамките на меѓусебната соработка“, заклучи Османи.