Утрински Весник
Македонија

Османи: Масовното тестирање не е прашање на ресурси, туку на стратегија

Османи: Исполнети сите предуслови за да биде донесена позитивна одлука на 26 март

Скопје, 6 април 2020 (МИА) – Масовноста на тестирање за коронавирусот не е прашање на недостиг на ресурси, туку прашање на стратегија која мора да е научно и емпириски заснована  и да доаѓа од стручната комисија, а не да се заснова на политички одлуки и под притисок на јавноста, смета вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е и координатор на штабовите на локалната самоуправа и Градот Скопје.

Во гостување преку видеолинк на емисијата „Топ тема“ на ТВ Терлма тој појасни дека во моментот стратегијата на Комисијата за заразни болести во однос на тестирањето, која што ја образложуваат на Влада, е спроведување  тестови со коишто се детектираат само тие лица со позитивна епидемиолошка анкета, значи или симптоми или некаков контакт. Така не дозволуваме, рече Османи, да имаме лажно негативни резултати со што луѓето би се релаксирале непотребно.

-Ако правите масовно тестирање, сите тие коишто ќе се покажат денеска негативни, утре ќе се движат слободно сметајќи дека не се носители на вирусот. Се разбира, доколку би имало можност сите одеднаш да се тестираат со ПЦР-тестови, тоа би било дополнителен бенефит. Меѓутоа, Комисијата се состанува  на дневна основа и тестирањето не е прашање на недостиг на ресурси, туку прашање на стратегија.  Доколку утре доаѓаат  нови заклучоци за тестирање,  ние ќе најдеме начин како да обезбедиме ресурси тоа да го  спроведеме. Но, не можеме тоа да го правиме заради притисокот на јавноста, заради страв. Мора тоа да е научно и емпериски засновано  и да доаѓа од стручната комисија. Ако почнеме овие одлуки да бидат повеќе политички,  повеќе под притисок на јавноста, ние ја губиме основната стратегија, а тоа е препораките да доаѓаат од епидемиолозите, инфектолозите и стручните тела, а ние како политичари да бидеме само имплементатори преку создавање ресурси на стратегиите што тие ќе ги предложат, рече Османи.

Во однос на опременоста на здравствените институции со заштитни маски и друга опрема за здравствените работници во услови на пандемија, Османи, кој и самиот е активен лекар, вели дека е делумно присутен  страв кај здравствените работници од тоа дали се доволно заштитени, а и Владата одржала посебна седница токму на оваа тема.

-Имавме посебна сесија на Влада – заштита на здравствените работници во услови на пандемија каде беа ангажирани сите служби и сите институции. Државниот санитарен и здравствен инспекторат направи вонредни контроли на над 67 здравствени институции за да видат прво дали имаат материјали односно лична заштитна опрема. Извештајот на Инспекторатот беше дека сите овие ненајавено контролирани здравствени институции имале доволно базична лична заштита. Вториот момент што се појави е дали здравствените работници ги почитуваат протоколите, односно препораките за нивото на заштита предложено од Министерството. Извештајот вели некаде да, некаде не, и затоа побаравме од Инспекторатот да биде во постојана  комуникација со здравствените работници за да се почитуваат овие препораки, бидејќи реално тоа е најдобрата стратегија – да ги заштитите здравствените работници за потоа тие да го штитат останатиот дел од населението, рече вицепремиерот Османи. вг/хс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд

Петар е тежок 2 килограми и 350 грама: 61-годишната мајка којашто се породи на ГАК имала замрзнато јајце клетка

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура