Во рамките на официјалната посета на Република Словенија, министерот Османи оствари средба и со претседателот на парламентот на Република Словенија, Игор Зорчич. На средбата беа реафирмирани одличните билатерални односи меѓу двете земји кои се резултат на долгорочното и традиционално пријателство, при што беа разменети мислења за можностите и потенцијалите за дополнително развивање на меѓусебните односи, посебно во насока на интензивирање на економската соработка, заедничките активности во рамките на партнерството во НАТО, како и за континуираната поддршка од Словенија во процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ.
„Имавме искрен и отворен разговор. Ме радува најавата дека проширувањето на ЕУ со земјите од нашиот Регион ќе биде високо на агендата на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година, што впрочем беше случај и за време на првото словенечко претседавање, како земја членка на ЕУ, во 2009-та година. Од близок сосед на Западниот Балкан и докажан пријател, тоа и го очекуваме”, истакна Османи, пренесувајќи ја притоа благодарноста до претседателот Зорчич за големата и безрезервна поддршка што Словенија и ја пружа на Северна Македонија во процесот за нашето пристапување во ЕУ.
На средбата се разговараше и за сојузништвото во НАТО, при што беа разменети мислења за актуелните домашни, регионални и меѓународни теми, како и за ангажманите и заложбите за иднината на нашиот Регион. Во тој контекст, беа поздравени впечатливите активности на Северна Македонија на планот на унапредувањето на добрососедските односи.
Османи е во официјална посета на Словенија на покана на Министерот за надворешни работи, АнжеЛогар. Покрај средбите на високо ниво, за време на својот престој во Љубљана, министерот даде и неколку интервјуа за словенечките медиуми, меѓу кои и Националната телевизија на Словенија – „ТВ Сло“, како и за високо тиражниот дневен лист „Дело“.