Во рамките на еднодневната работна посета на Романија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со неговиот романски колега Богдан Ауреску.
„Како земја која е непосреден сосед на Западниот Балкан, Романија не само што има директен интерес од развојот и европската интеграција на соседството, туку претставува и одличен познавач на односите меѓу државите од регионот. Во оваа насока со колегата Ауреску се согласивме дека продолжувањето на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ не само што е од големо значење за нас, туку е значајно и за стабилноста и европскиот напредок на целиот регион; претставува интерес и на поширокото соседство на Балканот; како и интерес на самата Европска Унија“, изјави Османи, изразувајќи притоа благодарност до колегата Ауреску за непроменетиот став и поддршка на Романија за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, како и за подготвеноста на Романија да ѝ помогне на Северна Македонија на тој пат, преку политичка и техничка поддршка.
Двајцата министри разменија мислења, предлози и сугестии за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, со нови содржини во сите области од заемен интерес, ставајќи посебен акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена.
Помеѓу другите теми од заеднички интерес, двајцата министри се осврнаа и на идната соработка и координација и во ОБСЕ, во рамките на идното преземање на претседавањето од наша страна во 2023, за што Романија даде своја поддршка, но и за други теми од билатерален и мултилатерален карактер.
Посетата на Романија претставува дел од мин турнеја на министерот за посета на земјите членки на ЕУ дел од поширокото соседството на Западниот Балкан. Во рамките на турнејата Османи веќе оствари посета на Чешка, а од утре е во работна посета на Унгарија. Мини турнејата на поширокиот регион завршува на 21 декември со посета на Виена.