Струга, 10 мај 2020 (МИА) – Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19 денеска од Струга истакна дека државата се обидува да изнајде начин да се врати состојбата во општеството во некаква нова нормалност, а истовремено да им се овозможи на верниците да ги практикуват своите потреби, притоа почитувајќи ги мерките за заштита.
Османи после средбата со претставниците на Кризниот штаб во општина Струга на која присуствуваа и градоначалникот Рамиз Мерко, како и претставници на поголемите верски заедници укажа на потребата да престанат нападите врз верските заедници во вонредната ситуација наметната од епидемијата на коронавирусот.
За неодамна одржаната Литија во Струга Османи рече дека се работи за настан што наизглед бил индиректна закана за државната стратегија за борба против пандемијата, со можности за ризикување на здравјето на верниците кои учествуваа, но и колективното здравје и политиките за што побрзо излегување од состојбата.
– Тука не сме за да идентификуваме одговорност, тоа го прават други институции, тука сме да разговараме како да се вратиме во новата нормалност што полека треба да ја постигнеме после пандемијата. Истовремено да го зачуваме здравјето, а да овозможиме на верниците да ги обавуваат своите обреди, рече Османи
Тој нагласи дека тоа не е лесно бидејќи групирањето, зближувањето се суштина на верските обреди, што пак е дијаметрално спротивно на мерките против коронавирусот, но истовремено укажувајќи дека мора да се изнајде начин како да се овозможи пректикување на верските обреди, но и да се внимава на здравјето, водејќи се по препораките на институциите.
– Верниците не се криминалци, нивната потреба за враќање на врската со верата не е криминал. Државата е должна да изготви сет мерки, а верските заедници да ги почитуваат. Можеби требало подобра координација на верските заедници со државата во време кога беа носени одредени одлуки, но реалноста сега е таква, одлуката е донесена како да се адаптираме на оваа ситуација. Моја должност е да бидам во блиска соработка со сите верски заедници, за да може да го штитиме здравјето на луѓето во текот на верските обреди, рече Османи, нагласувајќи ја потребата од почитување на мерките, координираност на сите чинители во општеството со што би се елиминирале какви било перцепции за постоење некакво верско ривалство во мерките.
Што се однесува на очекувањата за намалување на рестриктивните мерки, тој појасни дека одлуката ќе се носи согласно прецизно утврдени параметри, а не според некакви политички калкулации.
– Четиринаесет дена последователно со помалку од пет проценти позитивни случаи на коронавирус од бројот тестирани. Имавме ситуација 13 дена бројката позитивни од тестираните да биде под пет проценти, за потоа таа бројка да отстапи. Сега треба да се види дали тоа е моментално отстапување или тренд што трае, појасни Османи. аб/рп/