Мора да продолжи европската интеграција на западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на Унијата, заклучија министерот за надворешни работи, Бујар Османи и неговиот хрватски колега, Горан Грлиќ Радман, за време на состанокот во Загреб. Билатералните односи беа окарактеризирани како динамични и пријателски, со интензивен политички дијалог на највисоко ниво, преку успешна соработка во бројни области од взаемен интерес.
За двајцата министри продолжувањето на политиката на проширување на ЕУ ќе биде позитивен сигнал за целиот Регион како суштински интерес и на земјите – членки на Унијата, за европски Западен Балкан.
„Европската унија треба да донесе неколку исклучително важни чекори и одлуки за нас, и тоа: да ја одобри преговарачката рамка за пристапните преговори, да ја закаже првата Меѓувладина конференција и да започнат и формално пристапните преговори. Сакам да бидам искрен, со оглед на постигнатиот реформски напредок, со оглед на нашиот долг европски пат, сметам дека заслужено очекуваме ова да се случи до крајот на оваа година, за време на германското Претседателство со Советот на ЕУ.“, рече министерот Османи, упатувајќи притоа благодарност до колегата Грлиќ – Радман, за силната поддршка од страна на Хрватска за нашите европски амбиции, која беше крунисана со одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговорите во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ во првата половина од годинава.
„Круна на таквата поддршка беше одлуката за почеток на пристапни преговори на нашата држава со ЕУ во март оваа година, за време на Вашето претседателство, а Декларацијата од Загреб 2020 беше дополнителна поткрепа на определбата на земјите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи“, нагласи Османи на средбата.
Османи го информираше Министерот Радман за неговата посета на соседна Бугарија, потенцирајќи ја притоа важноста од продолжувањето на меѓусебната комуникација на највисоко ниво, како единствен начин за надминување на евентуалните разлики и отстранување на сите предизвици за нормален контиуитет на европските интеграции на Северна Македонија.
„Ги засиливме политичките комуникации со соседна Бугарија на повеќе нивоа, а својата работа ја интензивираше и заедничката мешовита комисија за историски прашања. Верувам дека во периодот што следи соодветно ќе ги адресираме сите предизвици, и нема да дозволиме да пропадне големата заедничка политичка инвестиција за европските перспективи на целиот регион“, потенцираше Османи.
Соговорниците се осврнаа и на соработката во рамките на НАТО, економската соработка, туризмот, иницијативата за отворање на Културно-информативни центри во Скопје и Загреб, како и за активностите врзани за заштита и промовирање на правата на малцинствата во двете земји, кои претставуваат мост за меѓусебно зближување. Посебно се осврнаа на актуелните состојби во регионот и пошироко, регионалната соработка, вклучително и мерките за координација во справувањето со Ковид-19.