Вале д`Аоста, 29 февруари 2020 (МИА) – Австријката Нина Ортлиб ја освои Супер-Г трката од Светскиот куп во алпско скијање, што се одржа во италијанскиот зимски центар „Ла Туил“, во близина на Вале д`Аоста. Трката ја следеа само 1.000 луѓе кои беа примени со билети и проверки на идентитет од безбедносни причини и евентуално спречување на коронавирусот, кој е распространет во Италија.
Ортлиб заврши на првото место со време од 1:11,72 минути, на само 0,01 секунди пред лидерката во генералниот пласман, Федерика Брињоне (Италија). Трета беше Швајцарката Корин Сутер, која долго време беше на чело во пласманот, но заврши на 0.07 заостанување од победничката.
Сутер е во водство за малиот Кристален глобус во Супер-Г.
Во генералниот пласман за Светскиот куп, Брињоне ја зголеми предноста пред Михаела Шифрин (САД), откако веќе има 1.378 поени. Американката е со 1.225, а трета е Петра Влхова (Словачка) со 1.189.
Денес Влхова остана на 4-то место, на 0,39 од Австријката. Самата Нина Ортлиб е на 12-то место во генералниот пласман со 472 бода.