Утрински Весник
Македонија

Општините немаат посебни механизми за спречување на корупцијата

Општините немаат посебни механизми за спречување на корупцијата

Општините во најголем број случаи немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво, додека заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни, се вели во истражувањето на НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“.

„Има општини кои дури и не знаат дека имаат усвоено антикорупциски документи, како и општини кои имаат и практикуваат одредени антикорупциски правила, но не ги препознаваат како такви…се чини дека е потребна и масовна едукација на локално ниво за етичките стандарди, како и за препознавање, контролирање и управување со судирот на интереси и за спречување на корупцијата“, се нагласува во соопштението на НВО Инфоцентарот.

Истражувањето ги опфатило сите општини, како и Градот Скопје, а одговори и документи доставиле вкупно 68 од нив, односно 84 отсто од вкупниот број општини во државата.

Еден од најзагрижувачките резултати е дека дури 70 отсто од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето општини, овие документи се со датум од 6 до 12 години и не се ревидирани. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години, посочуваат од НВО Инфоцентарот.

Само четири одговориле дека имаат некаков конкретен механизам за пријавување корупција и само четири општини рекле дека во последните две години имале случаи на пријавување на постоење конфликт на интерес. Само една општина навела дека во последните две години реализирала обуки за интегритет или за спречување на корупцијата за функционерите или за администрацијата.

„Приоритетни мерки кои им се препорачуваат на општините се: изработка, усвојување и објавување на декларација против корупцијата и судир на интереси во општината; воспоставување механизам (систем) за пријавување неправилности и сомнежи за измами или корупција; назначување, овластување и јавно објавување на лице за постапување по неправилности и сомнежи за измами или корупција; овластување на лице за посредување со информации, како и на начинот на пристап до информации од јавен карактер и друго“, стои во истражувањето.

Краткорочните мерки се однесуваат на сите оние механизми што треба да ги воведат и практикуваат општините, но за кои се потребни соодветни подготовки или повеќе време и средства за нивна изработка и ставање во функција. Среднорочните мерки се однесуваат на посложените форми и механизми на антикорупција и интегритет, за кои се неопходни поголеми подготовки, средства и време за изработка и примена.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме